Вести Македонија Најважни

Малку Брисел, малку видеоснимки, малку докази – како обвинителството ја објаснува условната пресуда за упадот во М-НАВ

Еден упад во објект на критична инфраструктура, еден инцидент и напад врз контролор на летање и пет месеци подоцна – условна казна за седумте обвинети. Признале вина за „Спречување на службено лице во вршење службено дејствие“, соопшти обвинителството кое тврди дека делото за кое се гонети било преиначено од многу потешкото „Загрозување на безбедност на воздушниот сообраќај“ поради видео снимките и доказите кои во полза на обвинетите стигнале од Брисел и од искази на колеги од М-НАВ.

„Во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални искази од вработени лица во М-НАВ како сведоци на настанот и од оштетеното службено лице, како и извештаи за безбедноста на авиосообраќајот во критичниот момент од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од меѓународната агенција Еуроконтрол. Овие докази не посочуваат дека во времето на извршување на дејствијата на обвинетите имало опасност и била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај“, соопшти обвинителството.

Поради тоа обвинителството се откажало од гонење за загрозување на безбедноста во воздушниот сообраќај, за што минималната казна е 10 години затвор. Веднаш по преиначувањето, обвинетите признале вина, се спогодиле за условни казни, а скопскиот кривичен суд ја потврдил пресудата. За шестемина кои сè уште се вработени во М-НАВ, меѓу кои и за Беким Незири, претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, условно им е изречена шестмесечна затворска казна која ќе ја одлежат доколку во 18 месеци по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

Седмиот, Ерсен Сали, кој физички го нападнал контролорот на летање во ходникот пред просторијата од каде се контролира авионскиот сообраќај, има „потешка“ казна. Добил условна осуда со заштитен надзор, односно казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Сали и претходно имал условна казна за пукање со огнено оружје, при што имало и настрадан, а таа казна сега би требало да се реализира. Тој е единствен кој во М-НАВ работел по договор на дело во време на инцидентот.

Упадот се случи на почетокот на јануари, по прес-конференцијата на синдикатот, кој се побуни против партизацијата на контролата на летање. Најголем дел од обвинетите се или членови или активисти на ДУИ. Во моментот на инцидентот над 30 авиони минувале по небото над Македонија. Групата стигнала во зградата на М-НАВ и во кулата на летање го барале контролорот Премптим Бериша, а го нападнале прво вербално, а потоа и физички во ходникот на зградата.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Абдулахи: Секоја пречка што ја ставаат политички партии, се мотив и енергија за независните

Дејан Дејан

Пеплоасни 15-на хекари зимзелена и нискостеблеста шума во пожарот кај Кочани

Дејан Дејан

Илиевска: Ако во 2017 година не нè перцепирале нас независните, денес се фокусирани да направат сè да не успееме

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе