Два дена сите се амнестираат од одговорност, санацијата изгледа далечна, а јавноста чека одговори. Никој не знае уште колку време има додека да падне целиот потпорен ѕид во дворот на Детската клиника.
Прв чекор до идната санација ќе биде заедничката координација организирана во Центарот за управување со кризи.
Има причина зошто сите се прогласуваат за ненадлежни за ѕидот и за улицата „Белградска“, вели Драги Тарчуговски од ЦУК. Но, за секој објект има некој кој стопанисува со истиот.
Ако координацијата во ЦУК се покаже како неуспешна, ќе се бара друг начин за да се дојде до одговорностите, а тоа е преку координативно тело составено од градоначалниците на скопските општини.
„Лесно е да се каже само „ѕидот“. Но, ѕидот е најмалиот проблем. Проблемот се подземните води коишто избиваат од ѕидот. А, тоа се водите од Водно коишто треба да бидат собрани во тие шахти горе на самата улица „Белградска“ и што не функционираат. Тој е систем на шахти којшто не функционира. Тоа е и проблемот зошто повеќе институции се прогласуваат за ненадлежни. Во секој случај, таа работа ќе мора да се надмине преку успешна координација“, вели Драги Тарчуговски од Центарот за управување со кризи, во телефонски разговор за Телма.
Претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа, Орце Ѓорѓиевски, вели дека разговарал со градоначалникот на Центар и од прва рака бил информиран за Договорот од пред пет години помеѓу градот и општината, со кој сите обврски за одржување на функционалноста на улицата „Белградска“, што подразбира и градежни активности ако е потребно, е одговорност и обврска на Град Скопје и Општина Центар не смее да презема активности во тој домен.
Ѓорѓиевски ја обвини Арсовска за игнорантски однос, но сепак се надева дека санацијата ќе се случи многу брзо.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во телефонски разговор за Телма кажа дека денес испратиле допис до надлежните институции, за сите согласно своите надлежности да се вклучат, за побрзо решавање на проблемот.
Претходно, од Град Скопје испратија соопштение во кое тврдат дека потпорниот ѕид кој е изграден со цел да биде ограда на Клиничкиот центар, е надлежност на Министерството за здравство, а за надлежностите околу улицата „Белградска“ препратија на адреса на Општина Центар.
Од Министерството за здравство велат дека потпорниот ѕид е изграден на државно земјиште и тие немаат прибележано право за трајно користење на тоа земјиште.
„Јас разговарав со колегата од Општина Центар на оваа тема. Од тоа што ми беше презентирано од негова страна, за жал еднонасочна е комуникацијата према Градот Скопје. Таму немаме двонасочна комуникација. Малку е трагично во државава во 21 век, ние да се занимаваме со ѕид којшто се решава за 2-3 дена како проблем и сето тоа да се преставува во медиумите како најголем проблем. Но, за жал одредени институции немаат слух, не знаат како да си ја сработат работата и верувам дека за скоро ќе се реши тој проблем“, вели Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.
Телма се обрати и до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, од каде што најавија дека ќе имаат свој став во следните денови.
Петар Догов