Вести Македонија

Прешова: И кројачите имаат усул и сопствени стандарди, така би требало и правниците да ги почитуваат правилата на правно толкување. Уа шнајдери

Аргументите за институционалниот вакуум или неприменливоста на правилата на неспоивост се тотално депласирани и површни, смета професорот по уставно право Денис Прешова, кој ги анaлизира дел од оправданијата во корист на тоа Џафери и Демири да не ги напуштат функциите во извршната власт, иако им е верификуван и пратеничкиот мандат. Во продолжение целиот Фејсбук статус на Прешова.

  • Согласно Уставот, во текот на наредните 20 дена би требало да ја добиеме новата Влада со што навидум ќе биде затворена темата неспојливоста на функцијата пратеник со функција во извршната власт. Се добива впечаток дека токму тактизирањето на новиот претседател на Собранието околу ова прашање е со очигледна намера да се купи време во овој период на „меѓувластие“ со што целата тема ќе стане беспредметна, а притоа нема да се бранува премногу политички. Но, тоа не треба да биде пречка принципиелно и непристрасно да се осврнеме на аргументите кои беа изнесени во оправдувањето на ставот на пратеникот и претседател на Владата, Талат Џафери, и исто така, пратеникот и министер, Илир Демири.
  • Всушност суштината на проблемот е во тоа што ние имаме во континуитет една состојба во која Талат Џафери се поистоветува со институциите кои ги предводи, во стилот на „институција-тоа сум јас“, иако се работи за колективни тела. Ваквиот манир го гледавме и во Уставниот суд до скоро, така што Џафери го нема ексклузивитетот, но секако го има приматот. Токму од ваквиот тип на персонифицирање на институциите потекнува и потребата да се прават некакви чудни разликувања помеѓу вршители на функција и вршители на должност или да се негира применливоста на правилата на нивниот случај. Но да одиме по ред со изнесените аргументи за наводната спојливост на функциите.
  • Првиот аргумент кој се искористи да се оправда самоволието на Џафери е грижата за институционалниот континуитет и стравот од настанување на некаков институционален вакуум во ситуација во која нема да имаме претседател на Влада, а со тоа и Влада. Неиздржаноста на ваквиот аргумент е очигледен веќе на прв поглед. Аргументот може веднаш да се деконструира со прашањето дали доколку претседателот на Владата почине или е трајно спречен да ја врши функцијата тогаш ние во државата нема да имаме Влада? Одговорот е категорично НЕ. Токму уставната одредба од член 95 став 5 регулира дека и во вакви ситуации ќе биде избегнат институционален вакуум бидејќи Владата останува на должност до изборот на новата. ЗНАЧИ ВЛАДАТА, НЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА. Што значи ова во дадениот контекст? Констатирањето на неспојливоста на функциите на Талат Џафери ќе означи дека согласно член 16 од Законот за Владата еден од замениците ја презема функцијата претседател на Владата, а не дека државата нема да има Влада. Па, побогу, затоа постојат замениците. Нели е тоа очигледно?
  • Исто така, зборовите институционален континуитет и името на Талат Џафери во основа не би можело да се спојат и стојат во иста реченица. Вредно за потсетување во оваа смисла е ситуацијата со институционалниот вакуум во текот на вонредната состојба, која реално тој ја предизвика со помош на релевантните парламентарни партии во тој период. Имено ние бевме единствена држава во Европа во која во текот на вонредна состојба ние немавме парламент, односно Собрание, (во Србија барем се состана пред избори) и истиот не дискутираше или одлучуваше за ниту едно прашање поврзано со вонредната состојба. Тогаш се тврдеше дека со чинот на самораспуштање престанал пратеничкиот мандат и со тоа Собранието не може да се состане иако беше прогласена вонредна состојба. Токму во оваа ситуација имавме целосен институционален вакуум бидејќи државата немаше функционален парламент, додека имавме претседател на Собранието во ликот и делото, веројатно и должноста(sic), на Талат Џафери. Значи ние немавме функционално Собрание, но имавме претседател на Собранието, иако претседателот се избира од редот на пратениците. Ако ви престанал пратеничкиот мандат, како може да бидете претседател на Собранието, нели? Токму тука е клучот бидејќи гледаме дека функцијата е побитна од институцијата и институционалниот вакуум или дисконтинуитет. Џафери си остана претседател на Собрание кое не постоеше во тој момент.
  • Следствено, како можете да останете на функцијата претседател на Влада, кога веќе ви е верификуван пратеничкиот мандат, притоа не постои уставна или законска одредба пратеничкиот мандат да го ставите во мирување, а постои строга неспојливост на функциите?
  • Токму во однос на престанокот на мандатот се изнесе следниот аргумент кој вели дека всушност со распуштањето на Собранието престанал мандатот на Владата (член 93 став 4 од Уставот). Поради тоа, на претседателот и членовите на Владата им престанал мандатот и со тоа тие веќе не се носители или вршители на функции, туку вршители на должности. (Како може некој да извршува должности ако не е на функција!?) Следствено неспојливоста на функциите не може да се однесува на Влада чијшто мандат престанал. (Што ако не можеме со месеци да избереме нова Влада!?)
  • Ова е класичен пример на селективност при читањето и толкувањето на правните норми. Имено, веднаш по оваа уставна одредба од член 93 став 4, во ставот 5, се наведува дека Владата останува на должност до изборот на нова Влада, дури и кога станува збор за изгласана недоверба или оставка, а не само кога престанал мандатот поради распуштање. Токму поради ова никој не бара Џафери да поднесе оставка, туку да се констатира неспојливост и да престане да ја извршува функцијата претседател на Влада, а не државата да нема Влада, бидејќи таа функција престанала по сила на закон со верификација на пратеничкиот мандат. Такви се правилата без оглед дали некому му одговараат или му се допаѓаат.
  • Дополнително, доколку сакаме да бидеме ситничари и текстуалисти, ќе речеме дека Собранието воопшто не се распушти туку имавме редовни избори и се конституираше нов собраниски состав. Така што, ни вака не поминува овој аргумент.
  • Едноставно кажано, аргументите за институционалниот вакуум или неприменливоста на правилата на неспојливост во вакви ситуации се тотално депласирани и површни и истите очигледно треба да служат за точно утврдена потреба во дадениот момент, а не да бидат принципиелен став кој може доследно да се почитува во различни ситуации.
  • Последниот аргумент кој беше изнесен впрочем се однесува на тоа дека ваквото кумулирање на функциите всушност е долгогодишна пракса и други лица претходно истото го правеле, а никој тоа не го проблематизирал. Значи, популарно наречен, whataboutism. Во секоја нормална дебата не би требало да се осврнувате премногу на ваков аргумент. Замислете некој сторител на кривично дело пред суд да се брани со тоа дека надвор има толку многу криминалци кои не се санкционирани ама ете баш него го фатиле, па поради тоа тој не треба да одговара. Тоа што претходно се акумулирале функции не значи дека и тогаш, како и сега, не биле прекршени соодветните уставни и законски правила. Разликата ќе биде во тоа како системот ќе постапи овој пат.
  • Единствено што радува и влева некаква мала надеж е дека имаме институционална реакција со тоа што ДКСК презема иницијатива околу разрешување на ова прашање. Додека тоа што загрижува е селективноста и недоследноста во почитувањето на научните и професионалните стандарди. Дајте да бидеме озбилни и да престанеме правниците да ги сведуваме на кројачи/шнајдери кои си ги кројат правните правила според потребите на нивните „клиенти“. Па и кројачите имаат усул и сопствени стандарди, така би требало и правниците да ги почитуваат правилата на правно толкување.

Уа шнајдери!

Текстот е Фејсбук пост на професорот по уставно право Денис Прешова.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кармина Бурана во Солун- заедничка изведба на Филхармониите од Скопје и Софија и симфонискиот оркестар од Солун

Дејан Дејан

Студентите повикаа на продолжување на граѓанската непослушност и блокада во Белград

Дејан Дејан

Израел продолжува со нападите во Газа – убиени и повредени повеќе десетици Палестинци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе