74 пратеници напладне ја изгласаа потребата од законски измени, за реорганизација на министерствата и целата државна управа.
За едните ова е во име на реформите, додека опозицијата критикува и бара одговори – зошто се брза со донесување на измените на Законот за организација и работа на државната управа по скратена постапка.
Мандатарот Христијан Мицкоски доби поддршка за предлогот, иако материјалот доцна синоќа бил повлечен од процедура, а потоа вратен со одредени измени.
„Ја барам поддршката од сите пратеници, во име на огромната поддршка која ја добивме на изборите и во име на реформите кои мораме да ги направиме. Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обврза да преземе активности, со цел преиспитување и рационализација на поставеноста на органите на државната управа“, рече мандатарот Христијан мицкоски.
Први со реакција се јавија од Левица. Времето е кратко, а измените крупни и вакви законски измени не може да се донесат по скратена постапка, кажа пратеникот Борислав Крмов.
Според него, ваквиот принцип на работа на Собранието ги поистоветува пратениците со „чиновници“ или како „вработени во фабрика“, а скратената постапка ја нарече „новата редовна постапка“.
На ова реагираше Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ и кажа дека повлекувањето на материјалот вчеравечер било оправдано.
Спикерот Африм Гаши се заложи дека ќе направи сѐ за Собранието да ги носи најголемиот дел од законите во редовна постапка.
„Ние го добиваме материјалот во среда, значи ден ипол. И вчера во 22 часот и 20 минути вие го повлекувате и пуштате друга измена. Како очекувате сега пратениците да се изјаснат за нешто толку важно кога ние најпрво не можеме да стигнеме да го разгледаме првиот предлог, а сега ниту вториот и немаме појма каде е измената“, кажа пратеникот од Левица, Борислав крмов.
„За итноста зборуваше мандатарот. И јасно нѝ е дека се работи за итноста да се формира Влада, а ние имаме нов закон кој е реформски. Затоа, мислам дека нѝ е јасно“, рече спикерот Африм гаши.
„Ние најавивме дека ќе има повлекување на материјалот од причина што имаше потреба да се доуредат одредени надлежности во Министерството за информатичко општество и администрација, од коешто произлегуваат два правни субјекти, а во делот на надлежностите на двете нови министерства“, рече пратеникот Никола мицевски ОД вмро-дпмне.
Пратениците од Левица поставија услов, а тоа е воведување на една изборна единица, за да ја поддржат реорганизацијата на министерства.
Додека, пак, за пратениците од Социјалдемократскиот сојуз ова законско решение е неприфатливо без сериозен општествен дијалог.
Само се зголемува бројот на министерства и функционери, трошоците растат, а придобивките од тоа нѝ се непознати, вели пратеникот Оливер Спасовски.
„Многу симптоматично е тоа што внатре во законското решение стои дека нема фискални импликации. А, самиот факт дека се формираат четири нови министерства, спојување на агенции, значи дека постојат сериозни фискални импликации и за тоа треба да се разговара. Ова ниту е сообразно со сите анализи коишто ги имаме, ниту имаме проценка на влијание на регулативата, ниту пак се постигнува нешто друго освен да имаме четири нови функционери коишто ќе седнат во министерските фотелји, а со тоа и нови трошоци“, кажа Оливер спасовски, пратеник од СДСМ.
Откако 74 пратеници го притиснаа зеленото копче и дадоа поддршка на потребата за измени на Законот за организација и работа на државната управа по скратена постапка, следниот филтер на законското решение се Комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.
Измените на законот ќе бидат и тест за двотретинското мнозинство, со оглед на тоа што без тоа – нема реорганизација на министерствата.
Во меѓувреме, Собранието денес ги верификува мандатите на последните двајца пратеници кои недостасуваа по прегласувањето на парламентарните избори.
Азизи и Салиу Фетаи се приклучија и формално на пратеничката група на Вреди.
Петар Догов