По пријава за пожар во најоддалеченото место, тетовските пожарникари треба да поминат и до 30 километри, пат со многу предизвици и густ сообраќај, затоа што покрај Тетово, тие ги опслужуваат и околните 5 рурални општини. По нивното долгогодишно барање, во општина Желино започна со работа првата од предвидените три дисперзирани противпожарни бригади.
Освен во пожари, вработените побрзо ќе интервенираат и во евентуални сообраќајни несреќи на автопатот Тетово-Скопје.
Моментално ќе имаме дневна екипа која ќе интервенира од 7 до 19 часот додека се стабилизираме, а потоа ќе има и 24 часовна функција станицата која ја отворивме тука. Тука ќе има 5-мина пожарникари, тука има и камиони и фургон со кој се интервенира во несреќи во сообраќајот, изјави командирот на тппе тетово авни ахмети.
Дисперзирана бригада е планирана за општините Теарце и Јегуновце, и една за Боговиње и Брвеница.
Финансиите досега беа пречка за отворањето на вакви бригади, поради што првично ќе се користат ресурсите од тетовската Територијалната противпожарна единица, а потоа ќе треба да се изнајде модел за кофинансирање заедно со руралните општини, вели градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Имајќи ја предвид финансиската состојба на општините, особено руралните, ние не бараме, бараме само да ни овозможат простории каде да се сместат. И понатаму овие пожарникари ќе се плаќаат од буџетот на Општина Тетово, сигурно понатаму кога ќе се консолидираат финансиски општините ќе треба според законот да имаме договор за заедничко финансирање затоа што тоа е заедничка единица, рече градоначалникот касами.
Според Касами, со новата систематизација во диспрезираните објекти ќе треба да има и нови вработувања.
Данијела Билбилоска