Поднел барање и уплатил за издавање на патна исправа уште лани во септември, а се сликал дури во април годинава. На веб страната сè уште стои дека неговиот документ е во фаза на изработка. Со ваков проблем се соочува граѓанин, кој и пиша на Телма. Вели дека некои кои се сликале после него, веќе ги земале документите, па прашува каков ред е ова.
„Еве, јас имам барање со датум од 11-ти септември 2023-та година и ми закажуваат за 15-ти април 2024-та година. Некој се јавил оваа година во јануари/февруари и му закажуваат за декември оваа година, па потоа му презакажуваат пред мене и ми го зема образецот?! Која е таа логика? Да не зборам дека имам карти за лет со авион на 30-ти август“, пишува Граѓанин.
Телма отиде да провери каква е ситуацијата на шалтерите. Таму има голем број граѓани. Дел од нив сметаат дека е хаос и тешко се снаоѓаат, некои чекале со часови да ги подигнат документите. Други пак се пожалија дека службите им ги изгубиле нивните документи.
„Во петокот беше готова личната карта, а во понеделникот веќе е изгубена. Проверив во неколку полициски станици нигде ја немаше“, вели граѓанин.
„Дојдов денеска да го подигнам пасошот и гледам гужва овде. Луѓе што имале термин во 12 чекаат повеќе од час и половина. Многу е гужва. Прво се чека еден ред, им даваш ливче, а потоа чекаш друг ред. Успеав да го земам документот, ама чекав повеќе од еден час“, додава друг граѓанин.
„Овде е хаос. Нема кој да те упати, а тоа е многу важно. Прашај еден ти вика таму оди, а друг те упатува на друго место. Вака не се оди во Европа“, заклучува државјанин.
Иако ретки случаи, сепак имаше и такви кои поминале во најдобар ред, без проблеми.
„Веднаш ми дадоа термин. Се јавив на телефонот, одма ми закажаа и дојдов и се сликав“, вели жител.
Според последните статистики на Министерството за внатрешни работи, од јануари до крајот на мај издадени се безмалку 400 илјади пасоши, 280 илјади лични карти и повеќе од 141 илјади возачки дозволи. Состојбата е пред лето, позната пасошка сезона поради доаѓање на иселениците кои многу често вадат нови документи во тој период.
Тамара Марковска