Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ вечерва од 20 часот, на сцената ќе ја изведат претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел. Ова е прва соработка на театарот со американскиот режисер Блондел од Калифорнија.
Режисерот Блондел веќе шест недели е присутен и работеше со ансамблот на шекспировиот текст, кој се смета за последно дело на славниот драмски автор, а кое ја содржи целата богата сложеност на животот.
„Ако имаме среќа да преживееме доволно долго, преживуваме бури: се вљубуваме, изневеруваме или сме изневерени, вршиме или трпиме насилство, вербано, физичко, емоционално, претрпуваме загуба, се прашуваме што нѐ чека. Бурата го содржи сето ова и уште повеќе. За Шекспир, преку волшебникот Просперо, тајната на животот е да се запамети, а потоа да се прости. Соработката со екипата е прекрасна. Јас работам на свој начин: знам што мислам, сакам да слушнам што мислат актерите за процесот на создавањето на претставата“, изјави на прес-конференција режисерот Џон Блондел.
За драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска соработката со режисерот била како ниедна досега.
„Ова беше првпат на поинаков начин да работиме со режисерот. Се чувствуваш како целосно дел од екипата. Невообичаен, делотворен пристап“ рече Митоска Ѓорѓиевска.
Во претставата играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска Клинческа, Ана Митоска, додека сценографијата, костимите, светлото и плакатот се на Благој Мицевски, музиката на Томе Темелкоски, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.