Дванаесеттото издание на „Викендот на гордоста“ ќе се одржи во Скопје, од 5 до 16 јуни на четири локации : Музејот на современа уметност, Станица 26, МКЦ и Театар Комедија.
Фестивалот за квир култура, уметност и теорија, годинава е тематизиран како ОСТАНУВАЈЌИ СО НЕЛАГОДНОСТА. Со оваа тема, ги истражува потенцијалите и формите на соживот, знаење, светотворење и општествена трансформација, кои може да произлезат од останувањето со нелагодноста, или неволјата, тешкотијата, проблемот, непријатноста, – како нешто што го опишува живеењето во кризни времиња, каде се скршени и изгубени хегемониските, традиционални и здраворазумски алатки за навигација на животот и секојдневието.
- Оваа година ги испитуваме, актуелизираме и претставуваме потенцијалите за отпор кои произлегуваат од критичкото ревалоризирање и присвојување на статусот и атрибуцијата на бидувањето општествено нелагодни, како статус што им се препишува на општествено маргинализираните и исклучени популации, како лица кои прават проблеми и се нелагодност за репродукцијата на нормативните општествени хоризонти, велат организаторите.
Фестивалската програма започнува на 5 јуни во МСУ, со предавање на Сара Ахмед, на тема „Смарањето (Killing Joy) како квир проект“. Таа е независна феминистичка истражувачка и теоретичарка која работи на пресекот меѓу феминизмот, квир студиите и студиите за изучување на расите. И е позната по испитувањето на моќта во секојдневниот живот и институционалните култури. Вечерта ќе заврши со концертна промоција на новиот албум на „ СВЕТЛОСТ“, насловен„ Everything Was As It Had Been a Minute Ago“, на платото на МСУ, а се реализира во соработка со дискографската куќа PMGJazz.
На 8 јуни во „Станица 26“, ќе се одржи концерт на MYKKI BLANCO- меѓународно етаблиран музичар, перформер и ЛГБТК+ активист. Бланко е познат уште од раните изданија и по деби албумот Mykki (2016), составен од креативната моќ на пионерските мешани касети Cosmic Angel (2012) и Gay Dog Food (2013), со кои го има поплочено патот за успехот на многумина други нехетеронормативни и родово неконформирачки уметници. Вечерта ќе започне со настап во живо на балканскиот RnB крал DZIPSII, познат по неговата автентична музика со која секогаш остава јасен личен печат. По концертот ќе следува диџеј сет со домашната перформанс артистка и истражувачка, Ивана Драгшиќ, одгледана во подемот на скопските подиуми од доцните 90-ти прво како обожавателка, потоа како радиоводителка, па диџејка.
На 10 јуни во Денсинг салата во МКЦ ќе се одржи соло танцовиот перформанс BATTY BWOY, во изведба на норвешко-јамајскиот изведувач и кореограф Harald Beharie, кој ни доаѓа од Осло, Норвешка. Batty Bwoy е солистички настап, што започнува не со прашање или со критика, туку со игра и желба, испреплетени со насилство и фина суровост. Преку реапропријација на поимот „Batty Bwoy“ од јамајскиот јазик, кој во буквален превод на англиски јазик значи butt boy (педер), користен како сленг за квир личност, делото ги искривува и испревртува митовите за црнечкото квир тело, откривајќи ранливи можности во една заемна интеракција на свесност и наивност.
На 15 јуни во Денсинг салата на МКЦ ќе се одржу танцовиот дует LOUNGE во изведба на Marga Alfeirão, Mariana Benenge, Myriam Lucas и Shaka Lion, во чија основа се наоѓа двојната природа на одморањето, чекањето, движењето и придвижувањето. LOUNGE претставува дует за две тела кои се идентификуваат како женски и заедно се движат низ состојби на активност и пасивно одморање, до уживање во траењето на повторувачките движења.
А, на 16 јуни во Театар Комедија, традиционално ќе биде затворен „Викендот на гордоста“, со вечерта на раскажување квир приказни, насловена „СРАМОТА“, модерирана од Румена Бужаровска и Ана Василева од фестивалот ПичПрич.