Двајцата партиски претседатели ќе се соочат еден против друг во Изборната единица 1. Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски ќе се борат за гласовите во оваа изборна единица во која спаѓаат централниот дел на Скопје, Кисела Вода, Аеродром, скопските општини јужно од градот и Македонски Брод. По Ковачевски, на листата ќе биде и претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, иако СДСМ засега не ги соопшти јавно своите носители.
Носителите на партиските листи по Изборни единици ги соопшти првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а местото во 5-тата изборна единица не е пополнето.
Носители на две листи на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат партиските потпретседатели, Мисајловски и Николовски. СДСМ ќе има две носителки на листа.
Владо Мисајловски е носител во ИЕ2, тој имаше и краток министерски мандат, а наспроти него би требало да застане неговата колешка по партиска позиција и директорка на УЈП, Сања Лукаревска. СДСМ најавува носителски двојки, родово еднакви, како и на минатите избори, па во двојка, Лукаревска ќе ја придружува вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Во изборна единица 2 спаѓаат Куманово, скопските општини Чаир, Газибаба, Ѓорче Петров, Шуто Оризаре, како и Липково. Тројката пак зафаќа поголем дел од источна Македонија, од Вардар до граница со Бугарија, и во неа се градовите Штип и Велес, Кочани, Крива Паланка, Делчево, Берово.
Таму нема да има партиско-функционерски дуел туку според најавите би имало безбедносен, па поранешниот полковник во АРМ Драган Ковачки ќе ја води листата на ВМРО-ДПМНЕ, а директен ривал ќе му биде доскорешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во 4-тата Изборна Единица (најголеми градови Прилеп и Струмица), СДСМ ќе ја води носителската двојка поранешни министри Венко Филипче и Јована Тренчевски. ВМРО-ДПМНЕ за носител го избра партискиот потпретседател Александар Николовски.
Половина од првите двајца носители на изборни листи на СДСМ се жени, но тие ќе имаат и две ноаителки на листи. Со тоа е формиран и еден женски дуел, во изборната единица 6. Министерката за одбрана Славјанка Петровска ќе ја “носи” листата на СДСМ, додека истата задача од својата партија ја доби и пратеничката од Гостивар, Дафина Стојановска. Во 6-ка се и градовите Тетово и Кичево.
Во 5-тата изборната единица двете први места според најавата од СДСМ ќе бидат резервирани за актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески и министерката за култура Бисера Костадинова-Стојчевска. ВМРО-ДПМНЕ засега не избрал носител во оваа изборна единица во која се Битола, Охрид, Струга, Ресен.
Мицкоски ги потврди носителите на листи, СДСМ уште тактизираат