Последниот пресек на Државната изборна комисија комплетно ја скрои структурата на гласачкото ливче за претседателските избори. Седум кандидати успешно стигнаа до целта од над десет илјади потписи на лица запишани во Избирачкиот список. Со тоа, тие официјално влегуваат во трката за Претседател на државата. За осум потенцијални кандидати, потребниот број на потписи се покажа како недостижен.
Собирањето потписи заврши на полноќ. Според пребројувањето на ДИК заклучно со 20 часот на 8 март, најмногу има собрано кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова, со над 28 илјади потпишани граѓани. Најблиску до неа е кандидатот на СДСМ и актуелен Претседател, Стево Пендаровски со 22 илјади потписи.
Максим Димитриевски, Стевчо Јакимовски и Бујар Османи имаат над 11 илјади потписи, а за Арбен Таравари и Билјана Ванковска – Цветковска се потпишале нешто над 10 илјади лица.
Мерсиха Смаиловиќ, Вело Марковски, Ѓорѓи Манасков, Зорица Цветковска, Господин Попоски, Драган Николовски и Гоце Ристов не успеаја да добијат поддршка за кандидатура. Томе Николовски се откажа од собирање на потписи.
Редоследот на кандидатите ќе биде познат по ждрепката на 28 март. Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот заедно со парламентарните избори, на 8 мај.
Изборната кампања за претседателските избори започнува за помалку од еден месец.
Но, во меѓувреме, партиите полека започнуваат со предизборната реторика и со дискредитирање на противниците.
Од владејачката СДСМ порачаа дека граѓаните со Пендаровски добиваат европска иднина, а со Силјановска – Давкова изолација.
„Што имаат заедничко Мицкоски и Ковачев и што имаат заедничко Силјановска и Ковачев?! Бугарското и македонското ВМРО работат на штета на државата. Прават сѐ за да ја закочат европската перспектива на Македонија. Мицкоски и Силјановска едно зборуваат јавно, а друго прават зад грбот на народот. Луѓе коишто го зборуваат едното, а друго прават – не можат да донесат ништо добро“, изјави Дарко Каевски од СДСМ.
Опозицијата возвраќа. Кандидатот на СДСМ, Пендаровски, има директна вина за катастрофалната состојба на судството во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пендаровски да се договори со Стево, дали поддржува или не лустрација и генерален реизбор на судии и обвинители. Еднаш кажува дека ја поддржал одлуката на ЕУ да нема генерален реизбор, а кога СДС требаше да прави политички прогон, ги заплашуваше со генерален реизбор судиите и обвинителите, за да ги впрегнат во јаремот на СДС за политички прогон“, изјави Миле Лефков од ВМРО – ДПМНЕ.
Најголем дел од партиите досега веќе ги промовираа своите кандидати за претседателските избори.
За вечерва промоција е закажана на кандидатот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи.
Петар Догов