Вечерва, Демократска унија за интеграција одржа официјална промоција на својот кандидат на претседателските избори, Бујар Османи.
Клучните пораки на Османи беа во насока на европската иднина на државата и партиските заложби за прв претседател Албанец.
„Нашата иднина е во ЕУ и ова мора да им го исполниме на граѓаните. Мора да го запреме одливот на младите, мора да се инвестира во економијата, мора да се вложува во образованието согласно светските стандарди“ рече Османи.
Говор одржаа и лидерот на ДУИ, Ахмети, како и техничкиот премиер Талат Џафери.
Османи на крајот на февруари прв ги собра потребните 10.000 потписи за кандидатурата.
Во прилог е и фото-галерија од настанот кој се одржа во Спортско-рекреативниот центар „Кале“, во центарот на Скопје.