Вести Култура

По кој Статут ќе работи Друштвото на писатели?

Како ќе се откочи работата на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ)? – Ова прашање се поставува по вториот неуспешен обид на 27 јануари да се одржи продолжението на Вонредното изборно собрание, кое пропадна поради немање кворум за работа. И по кој Статут ќе работи писателската асоцијација? – Пред Изборното собрание во Централниот регистар беше откриен документ од 2011 година, во кој ја нема функцијата претседател на Собранието, а мандатот на претседателот на ДПМ е од две години, наспроти четири во Статутот од 2009 година, по кој до сега работеше ДПМ. Дополнителна конфузија создаде претседателот на ДПМ во оставка, Христо Петрески, кој во Централниот регистар открил и Статут на Друштвото од 1998 година.

„Од целокупната документација може да се заклучи дека постои само еден Статут, но не од 2011, туку Статут од 26.12.1998 година, кој е потпишан од тогашниот претседател на ДПМ, Милован Стефановски“, пишува Христо Петрески, претседател на ДПМ во оставка, во пост на Фејсбук.

Дел од членството на ДПМ денеска беше во Централниот регистар за детален увид, кој Статут на ДПМ е депониран таму, зашто за Асоцијацијата само тој е легитимен за да се работи по него. Се увериле дека постојат два. И од 1998 година и од 2011 година. Но, иако претходно вети дека ќе даде изјава, претседателот во оставка Петрески остана недостапен. А, членот на Друштвото, Лорета Георгиевска Јаковлева, најави изјава откако ќе ги разгледа документите.

На 25 ноември, минатата година, пропадна Вонредното изборно собрание, зашто и тогаш немаше кворум. Пред тоа од трката за претседател се повлекоа Гоце Ристовски и Живко Грозданоски. Во јануари Стефан Марковски ја повлече кандидатурата за претседател на Собранието, а по него Блаже Миневски, како кандидат за претседател на Друштвото и Иван Антоновски, кандидат за претседател на Собранието. Остана само кандидатурата на Мирче Нешовски за претседател на ДПМ.

Вонредното изборно собрание беше закажано лани во октомври, откако главнината од членството, од Претседателството на ДПМ поднесоа оставки, незадоволни од работата на претседателот Петрески.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе