Вести Македонија

Ако не може електронски поради непредвидени проблеми, да се полага на хартија – Правда со законски измени до Влада

Откако стана јасно дека со владин заклучок не може да се заобиколи законот за Академија на судии и јавни обвинители, со законски измени ќе се воведува можност квалификацискиот тест да се полага и на хартија со електронски читач. Предлог измените се веќе доставени до владата. Ќе се интервенира во членот 40 кој регулира како се спроведува квалификацискиот тест по електронски пат. Ќе се надополнува со два нови става за да се овозможи надминување на застој во постапката за полагање на приемниот испит во Академијата, поради настан кој не можел да се предвиди, велат од министерство за правда.

„Во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност за спроведување на приемниот испит, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејки сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите“, соопштуваат од Министерството за правда.

Тендерот за софтвер за полагање испити кој доцни, според министерот Кренар Лога, спаѓа во непредвидените ситуации. Тој во телефонски разговор за Телма ги негираше информациите во јавноста дека целта е да се протнат идни судии и јавни обвинители нечии деца и роднини.

„Законските измени се со цел да нема застој во процесот и да продолжи генерацијата. Нема никаква скриена позадина. Причините поради кои се оди со законски измени се објективни. Не беше предвидено дека ќе има проблем со тендерот. Не можевме да знаеме дека ќе излезе ваква ситуација“, изјави министерот за правда, Кренар Лога.

Премиерот Ковачевски не негираше дека владиниот заклучок излегува од постоечкиот закон, но остави простор таквата грешка да се поправи. Го кажа и своето критичко мислење за Академијата која низ годините често беше споменувана поради звучните презимиња на дел од судиите и обвинители кои излегоа од таму.

„Доколку некоја одлука е во колизија на некој закон, тогаш сметам дека таа треба да се промени. Јас не сум имал контакт со Академијата за судии и обвинители. Имам свое мислење за таа Академија. Кога ќе ги погледнете кандидатите кои обично поминуваат, презимињата можете да ги погодите и на сон во три сабајле. Така што прашања треба да се постават на сите адреси, не само на една адреса“, вели премиерот Димитар Ковачевски. 

За спроведување на набавката од пред неколку месеци надлежно е МИОА. Од таму за Телма денеска објаснуваат дека во ноември, два дена пред да истече договорот со фирмата која го добила претходниот тендер, министерот Азир Алиу добил овластување од владата да потпише Анекс на договорот. Од министерството побарале од сите 12 институции кои имаат потреба од софтер за полагање испити да дадат согласност, бидејќи се работи за групна набавка, но не сите дале позитивно мислење. Поради тоа и не се потпиша Анекс договор.

„Поради важноста на овој софтвер, МИОА е во постојана соработка со институциите за отворање на нова набавка за софтверот за полагање на испити во државните институции, а кои се однесуваат на подобрување на техничката спецификација и подготовката на тендерската документација за набавката. Истовремено сакаме да ве известиме дека МИОА само ја прави набавката, а финансиските имликации се однесуваат на сите 12 институции“, информираат од МИОА.  

Проблемот се актуелизираше поради Академијата за судии и обвинители, каде во тек е приемниот испит за деветтата генерција на 130 слушатели на почетна обука. Побарале итно и интервентно решение од владата која на крајот на годината предложила да се полага во хартиена форма со електронски читач. По забелешките дека не може со владин заклучок да се постапува спротивно на закон сега се оди со законски измени

МИОА тендерот за софтвер за испити одеше преку владиниот секретаријат. Во 2021 година државните тестирања беа кратко во застој, откако беше отворен предметот Софтвери против екс генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Тогаш обвинителството запленило дел од компјутерите на фирмата „Инвока група“ која го имаше тендерот за тестирања во 13 државни институции меѓу кои и Академијата.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Возачот Васил Јованов призна вина за несреќата во која ја прегази Фросина Кулакова  на пешачки премин

Дејан Дејан

Почнува националната еко акција „Генералка викенд“

Дејан Дејан

Трамп: Изборот на американски папа е „голема чест“ за САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе