Родителите трагаат по одговорите, а Комисија на Гинекологија испитува како дошло до скршеница на раката кај новороденчето.
Таткото на бебето, Благојче Дамјановски, преку медиумите обвини за обид за прикривање на вистината и заташкување на случајот.
Потрагата по информации била отежната уште од почеток, тврди таткото, затоа што бил избркан од една од сестрите кога се обратил во болницата. Мајката по бројни инсистирања, успеала да го види бебето на пет минути.
Денес тие се сретнале со директорката на Клиниката и разговарале за целиот случај.
„Побаравме да си го видиме бебето и да видиме што е работата, зошто не се носи и зошто немаме никаква информација. Најпрво нѝ кажаа дека рамото било изместено при породувањето и се чека рентген-снимка. породувањето беше на 30 декември, а ова се случува на 1-ви јануари во 15 часот попладне. Значи никаква интервенција, нешто да се интервенира, за да се види што е проблемот со рачето на детето. Денес веќе го видов бебето. Досега првпат го гледам. Интервенирано е на рачето, во гипс му е и не знаеме што ќе биде понатаму“, вели Благојче дамјановски, татко на бебето, во телефонска изјава за Телма.
Ова е предвидена компликација која не се случува често, но не е исклучена. Од Клиниката велат дека биле запазени сите медицински протоколи.
Извлекувањето на плодот било отежнато поради положбата, но скршеницата нема да остави последици, вели директорката на ГАК.
„Тоа во секој случај е подобро отколку бебето централно да страда, значи да му страда мозокот и потоа да има трајни последици. Ова е нешто што е преодно. И во случајов за да не се загрози безбедноста на плодот во понатамошниот тек на животот, направено е тоа што е направено. Се работи за затворена фрактура, бебето имало пареза и тоа е констатирано и напишано во историјата. Но, тоа не е баш најпогодно веднаш да ѝ се каже на мајката во периодот кога е оперирана и кога треба да ја стабилизираме“ вели д-р Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Членовите на Комисијата на ГАК се состанале денес и веќе ја разгледале историјата.
Никаде не може да се најде стручна грешка на гинеколошкиот и на педијатрискиот тим, вели директорката Јовановска.
Породувањето е направено со царски рез. Бебето е родено со одлични витални параметри.
Петар Догов