Привремен затвор од 40 дена доби Љупчо Палевски Палчо, осомничениот за двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски. Министерството за правда денеска информираше дека Палевски се наоѓа во казнено поправната установа Беликесир во Турција.
Во дописот од Републичкото Јавно обвинителство Беликесир-Турција, како што наведуваат од министерството, ги информирале дека Палевски, кој беше уапсен со потерница за кривичното дело „Намерно убиство на дете“ согласно законот, а со цел да се обезбеди негова екстрадиција во Северна Македонија му е одреден привремен затвор од 40 дена.
Во меѓувреме запрашан за дерегистрација на партијата Десна, чиј лидер е Палевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешниот брифинг за новинари во Клубот на пратеници рече дека по ова прашање надлежно е обвинителството.
„Јас кажав свој став, а постапката за дерегисатрација на партијата Десна треба да ја поведе обвинителството. Но, ако треба да испратиме иницијативно писмо до нив, ние се подготвени на тоа“, рече Спасовски.
И другите осомничени во случајот, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски исто така се членови на Десна.
Од обвинителството претходно за Телма соопштија дека за трите услови за забрана за партија, ако таа повикува на насилно уривање на уставниот поредок, поттикнува или повикува на воена агресија или разгорува национална, расна или верска омраза, треба да има кривична постапка која доколку обезбеди докази тогаш би почнала постапката за забрана и гаснење на партијата, пред граѓанскиот суд.
Воедно Спасовски најави и надградба на системот Сејф сити и освен за јавна безбедност ќе се користи и за контрола и безбедност на сообраќајот. Освен во Скопје, камери ќе се постават и во Куманово и Тетово и на автопатите во државата. Ќе има и мобилни системи што ќе може да се поставуваат на разни места.
За екстрадиција на Палевски ќе бидат потребни месеци. Тој избега од земјава на 30 ноември во Србија, па потоа преку Бугарија замина за Турција, каде беше уапсен.
Марија Митевска