„Предметот е во истрага“. Ова беше одговорот на министерот Оливер Спасовски за неодамнешното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој смета дека прозивките на полицијата за неефикасност, непочитување на процедурите и лажење на јавноста доаѓаат од пратеник кој нема кредибилитет. Спасовски рече дека Игор Јанушев е лице осудено за злоупотреба на службената должност и со евиденција во МВР за други дела.
-Бевте кривично гонети и осудени на 2 години условно заради злоупотреба на службената должност при набавката на кинеските автобуси во Скопје. Сакав вака да бидете гласни и да викате до моментот додека го имавте Кривичниот законик што како Дамоклов меч ви висеше над главата. Откако ви го средија тоа, се правите многу морални, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Јанушев ги нарече лични дисквалификации на кои не сака да одговори. Се сомнева дека ова е дел од напорите на Спасовски да стане претседателски кандидат.
-Како не ви е срам? 4 дена возилото се шетало по Партизанска, низ центарот на градот, во делот што тврдевте дека е најбезбеден и дозволивте да се случи тоа. Срам сте за сите. Наместо да бидете маж и да си поднесете оставка, вие излегувате тука со политички говори, рече Игор Јанушев од ВМРО ДПМНЕ.
Ова пратеничко прашање доаѓа по неколкудневните јавни прашања на Јанушев до Спасовски. Тој тврди дека полицијата предоцна почнала потрага по исчезнатото возило на Жежовски и со часови криела дека е запалено, додека министерот ја лажел јавноста. Спасовски ја истакна ефикасноста на МВР која за 6 дена резултирала со откривање на сторителите и ја доведе во прашање кредибилноста на пратеникот Јанушев.
Соња Николовска