И по речиси две години тапка во место барањето да се направи парк во градот познат по аерозагадувањето и градежната експанзија. Од „Тетово сака парк“, како граѓанска иницијатива, велат дека нема слух кај локалните власти, граѓаните се разочарани затоа што не се исполнуваат нивните потреби за поквалитетен живот.
Просторот кај Спортскиот центар, како една од ретките слободни јавни површини е запуштен и обраснат со трева. Од Иницијативата велат дека тоа е една од парцелите која може да се пренамени во парковска површина, додека Тетово се гуши зашто постојано се градат згради.
Од Општина Тетово, повторно со најава дека ќе се уредат овие површини.
Иницијативата „Тетово сака парк“ граѓанскиот предлог до Општината го поднесе минатата година, за отпочнување процес за вистински парк во градот, кој би го опфатил просторот на Спортскиот центар, Жена паркот и поранешните претпријатија Шик Јелак и Монопол. Од таму велат дека во градот сега има 0,2 m² парковска површина по жител, наместо препорачаните 9 m².
Данијела Билбилоска