Спорт Фудбал

Ждрепката за осминафиналните двојки во ЛШ е на 18 декември

По синоќешните натпревари заврши групната фаза во фудбалската Лига на шампиони. Познати се сите тимови кои ќе продолжат во нокаут фазата и оние кои ќе играат во Лигата на Европа. Ждрепката за осминафиналните двојки е закажана за во понеденик.

Во најинтересната група Ф, или „групата на смртта“, Борусија Дортмунд го освои првото место со 11 бодови откако синоќа ремизираше 1-1 со ПСЖ. Понатаму одат и Французите иако завршија со ист број на бодови како Милан со по 8. „Росонерите“ победија со 2-1 на гостувањето кај Њукасл, но поради полошата гол-разлика и полошиот меѓусебен скор со ПСЖ, „светците“ ќе продолжат во осминафиналето, а „росонерите“ ќе се тешат со Лигата на Европа.

Од групата Е веќе беше познато дека Атлетико Мадрид и Лацио одат понатаму, па во нивниот меѓусебен дуел синоќа, Шпанците славеа со 2-0. Селтик запиша пирова победа од 2-1 против Феенорд, бидејќи холандскиот тим продолжи во Лигата на Европа.

Сити остана перфектен во групата Г, откако со мешан состав синоќа ја победи Црвена Ѕвезда со 3-2 во Белград, а Лајпциг го победи Јанг Бојс со 2-1. Швајцарскиот тим како третопласиран оди во второто по ранг натпреварување, а Ѕвезда остана последна со само еден бод.

Во групата Х, Порто обезбеди прогрес во осминафиналето со победата од 5-3 против Шахтер Доњецк, како второпласиран, а Барселона шокантно загуби од Антверп со 3-2, но остана на првото место.

Според пропозициите за ждрепката за осминафиналните двојки што ќе се одржи во понеделник, во осминафиналето не можат да се соочат екипи од иста земја и оние кои играле меѓусебе во групата. Носители се оние кои финишираа на првото место, додека неносители се второпласираните екипи од групите.

Елиминациите започнуваат на 13 и 14 февруари 2024 година, а големото финале е закажано за 1.јуни на стадионот „Вембли“ во Лондон.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ѓоковиќ: Се замислувам во пензија на плажа со Федерер и Надал како пиеме коктели

Дејан Дејан

Македонските ракометари останаа без пласман во главната фаза на младинското СП

Дејан Дејан

Рекордни 20 екипи во новата сезона на Евролигата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе