Колекција од шест дресови на Лионел Меси што ги носеше за време на Светското првенство во Катар минатата година денеска беа продадени за 7,8 милиони долари на аукција во Менхетен, САД.
Иако аукциската куќа „Сотбис“ очекуваше дресовите да бидат продадени за 10 милиони долари и да станат најскапите спортски предмети, тоа не се случи. Не се открива идентитетот на лицето кое плати 7,8 милиони долари за дресовите на Аргентинецот. Дел од парите од аукцијата Меси ќе ги донира во хуманитарни цели, но не се знае точната сума.
Засега дресовите на Меси се третите најскапи спортски предмети продадени на аукција. Лани легендарниот дрес на Диего Армандо Марадона од СП 1986 година, кога го постигна фамозниот гол против Англија наречен „Божја рака“ беше продаден за 9,3 милиони долари.
Најскапиот спортски предмет продаден на аукција во историјата е дресот на Мајкл Џордан, што го носеше во финалната серија од 1998 година во НБА-лигата при освојувањето на последната шампионска титула со Чикаго Булс и тоа за 10 милиони долари.