Органите на прогонот ги истражуваат наводите за криминал на Онкологија, а од болницата порачуваат – пациентите да ја вратат довербата.
Персоналот е мета на секакви искушенија, но пациентите со право реагираат – вели директорката на Клиниката, Клисаровска.
Надлежните сѐ уште трагаат по криминалците кои краделе и препродавале цитостатици, а засега нема детали какви истражни дејствија се преземени и до каде е тој процес.
„Клиниката за онкологија останува достапна на сите истражни органи. Отворени сме со целата документација и сите податоци коишто се потребни од стартот па сѐ до ден денес. Секојдневно се судираме со секакви вербални и други искушенија од страна на пациентите. Но, не ги обвинуваме нив и се трудиме да се објасниме колку што можеме. Се надевам дека со дела почнеме да докажуваме дека треба да се враќа довербата на пациентите“ вели д-р Виолета Клисаровска, директор на УК за радиотерапија и онкологија.
Директорката и друг персонал од Онкологија денес застана заедно со претставници на здружението „ХЕМА-ОНКО“ посветено на пациенти со рак, симболично затоа што октомври е месец за подигнување на свеста за ракот на дојка.
Проблемите во здравството остануваат – нема термини за мамографија и за ехо, а бројката на пациенти е во постојан пораст. И ова не е главниот проблем, алармираат од здружението.
„Сѐ уште немаме регистар на пациенти болни од канцер. А, такво нешто нѝ е потребно. Буџет за лекови не може да се прави без да имаме регистар – колку пациенти има и од што се тие болни. И тоа не само за рак туку и за сите други болести“ е ставот на Лидија Пецова, претседател на „ХЕМО-ОНКО“.
Немањето на ваков регистар е еден од главните проблеми и кога се планираат набавките на лекови, дополнува директорката на Клиниката.
„Во моментов немаме доволно лекови за оваа бројка и дополнително за новите пациенти коишто ќе се јават. За жал ние не можеме стопроцентно да ја задоволиме потребата на пациентите со малигна, со таа таканаречена биолошка терапија, лекови кои не се на позитивната листа односно се во условниот буџет“ изјави д-р Клисаровска, директорка на УК за онкологија.
Од вкупната бројка на 70.000 пациенти во моментов, 3500 пациенти се новодијагностицирани. Околу 42 илјади пациенти поминале низ дневна болница во период од девет месеци.
Петар Догов