Вести Македонија Најважни

Со камиони на лизинг, зетот на Ахмети санира свлечишта во ТЕЦ „Осломеј“, иако неговата фирма не е дел од договорот вреден над 6,5 милиони евра

Пет камиони со зелена боја, нови, набавени во мај, со ознаки на К.С.А. Интернационал, фирмата во сопственост на зетот на Али Ахмети, Куштрим Смајлај, се ангажирани за работа во ТЕЦ Осломеј. Фотографиите кои ги доби Телма се направени во текот на оваа недела, а во Осломеј, кој е во близина на Зајас, камионите на зетот на лидерот на ДУИ работат на санација на свлечиште. Но, во документите на Бирото за јавни набавки, К.С.А. никаде не фигурира како добитник на тендер за Осломеј.

Во термоцентралата се забележани и камиони на фирмата АДАСТРА, фирма во која еден од сопствениците е поранешниот директор на Шпаркасе Банка, Хрватот Саша Боко. Удели во АДАСТРА имаат и компаниите Аваз Холдинг на Муртеза од Трансмет и Би-Холдинг во сопственост на член на семејството Јахоски. Сите фирми, освен К.С.А. на Смајлај, беа дел од шемата фирми кои според ДКСК учествувале во попречувањето на конфискацијата на имотот на Трансмет преку пресуда во случајот „Труст“. Од ЕСМ и ТЕЦ Осломеј на прашањата за К.С.А. и за АДАСТРА, посочија трета фирма која го одбила тендерот вреден околу шест и пол милиони евра.

„Во подружница РЕК Осломеј се изведуваат работни активности согласно договорот  „Позајмиште на јаловина за санација на свлечиште и рекултивација на девастирано земјиште“ помеѓу Подружница РЕК Осломеј – АД ЕСМ и економскиот оператор Машинокоп ДООЕЛ – Кавадарци. Економскиот оператор согласно договорот достави барање за ангажирање на дополнителна опрема за извршување на работата, за што е издадена писмена согласност. Еден дел од дополнителната механизација (камиони) економскиот оператор ја има обезбедено под закуп со договор за отстапување од АДАСТРА“, одговорија од ЕСМ.

Во одговорот, ЕСМ избегна да одговори на прашањето како камионите на К.С.А. односно на зетот на Ахмети се нашле во Осломеј. Инаку посочениот договор истекол пред два дена, но и тогаш и вчера камионите продолжиле да работат на терен. Во договорот е предвидено доколку не биде остварена набавката во реализираниот период, треба да се активира банкарската гаранција, но тоа не е можно затоа што и гаранцијата истекла на 3 октомври.

К.С.А. е формирана лани во јануари и за помалку од една година заработила над 12 милиони евра со профит од повеќе од два милиони евра. Фирмата е регистрирана за изградба на станбени и нестанбени објекти, но со новите зелени камиони влегува и во вносниот бизнис со ископ и прибирање јаловина во енергетските капацитети. На почетокот, покрај Смајлај, сопственик на фирмата е и Ерџан Сулкоски, кој исто така е дел од сопственичката структура на РКМ, фирма која за над 110 милиони евра продаде мазут на државната ЕСМ за потребите на електраната во Неготино.

По објавите на КОД во јули, Сулкоски го раскина партнерството со зетот на Ахмети, а лидерот на ДУИ во интервју за „360 степени“ тврдеше дека не ги познава партнерите на Куштрим Смајлај.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе