Поголем дел од вработените во АД Елем Турс – Подружница Попова Шапка, извесен период доаѓаат пред канцелариите кај поранешна Жичара, незнаејќи каков статус имаат во фирмата. Од управата им било кажано дека треба да потпишат отказно решение, а потоа да конкурираат за работно место во новата фирма која ќе раководи со центарот, со што од неопределено би биле вработени со договор на дело.
Денеска на јавен протест потенцираа дека не се согласуваат со оваа одлука, затоа што велат дека и досега имало промена на правен субјект, но префрлањето било без промени.
„Нас не повикааа во правна служба во ЕЛЕМ, ни дадоа штуро објаснување: се затвора старата фирма поради нерентабилност. Вие ќе конкурирате, ќе објавиме оглас во нова фирма, иста фирма со иста дејност, само нема да имате решение на неопределно, туку на определено. Сега никој не се согласува“, изјави Зоран Јованоски, работник.
„Тие викаат три месеци ќе бидете со договор на дело, тоа е веќе излез на пат, не исфрлаат надвор. Оваа фирма се менувала 5-6 пати. Ние како што бевме комплет, од Југохром во ЕСМ, без никакви проблеми“, изјави Шабан Османи, работник.
Од раководството велат дека АД ЕСМ донело одлука да формира ново друштво „Ски центар Попова Шапка ДООЕЛ“, кое нема да биде поврзано со другите подружници за да може да се потпише договор со стратешкиот инвеститор, а со тоа да се објави и оглас за вработување.
„Одлуката на Управен одбор на АД ЕСМ е новото друштво да отвори оглас на определено време до крај на година. Пред Нова година ќе има друг оглас. Дел од вработените аплицираа, дел од нив не аплицираа, затоа што не веруваат. АД ЕСМ ќе води постапка за ликвидација на ЕЛЕМ Турс. На сите им било објаснето. Тие работни места се празни и ние може да го реобјавиме и имаат право да се пријават“, вели Адем Авзиу, управител на „Ски центар Попова Шапка ДООЕЛ Тетово“.
Се работи за околу 25 вработени, кои се дел кадарот на ски-центарот и хотелските капацитети на Попова Шапка.
Данијела Билбилоска