Македонија ќе ја заврши годината со најмал економски раст во регионот, со 1,8 проценти. Ниту во идните две години земјава нема да може да го скроти јавниот долг, а и економскиот раст ќе и биде скромен. Инфлациијата ќе се намали, но не оваа година, како што очекуваше Владата. Ова е проекцијата на Светска Банка за економските показатели во земјава објавени во новиот Економски извештај. Според Банката, јавниот долг кој во моментов е 59.1 ќе се зголеми на 60.2 проценти од БДП до крајот на годината. Долгот се очекува да расте и во следните две години и во 2025 година да достигне 62.2 проценти.
Проекциите за економски раст се далку од очекуваните 2,5 отсто кои ги проектираше владата за оваа година. Скромниот раст, како што го нарекува Светка Банка од 1,8 проценти во својот извештај, најмногу се должи на забавување на надворешната побарувачка и постојана криза со трошоците на животот, делумно неутрализирани од влијанието на изградба на автопатите. Растот се очекува да се забрза со зголемувањето на јавните инвестиции, закрепнатата потрошувачка и извозот. Оттаму за идната година се предвидува тој да биде од 2,5 проценти, а во 2025 – 2,9 проценти.
За инфлацијата, пак, се очекуваат подобри резултати во идните две години. Во 2024 година таа ќе изнесува 3 проценти, во 2025 да изнесува 2 проценти: Но ова година таа ќе се задржи на 9 процент. Од Министерството за економија, пак, очекуваат во делот на храната инфлацијата до крајот на годината да падне на 5 проценти.
Фискалната политика и натаму останува предизвик за Македонија, констатира Светска банка во Извештајот. Според неа, зголемување на платите во јавниот сектор што беше договорено во јули, се дополнителен фискален трошок.
Најголем раст годинава ќе забележи Црна Гора со 4,8 проценти, по неа следува Албанија со 3,6, па Косово со 3,2, проценти економски раст.
Тамара Грнчароска