Местото на децата со аутизам не е во психијатриски болници, а за нив во нашата држава нема соодветна установа, вели Ирена Николовска Ристановска, психолог и мајка на аутистично дете. Семејствата нема каде да се обратат во безизлезни ситуации и изразена агресија, како што беше случајот со 17 годишниот Анес, поради што родитeлите побараа помош во психијатриската болница во Демир Хисар, додава таа. Потребни се центри , какви што веќе има во соседна Србија.
Ако не знаеме како треба, тогаш е добро да пресликаме од соседните држави. Ете во Нови Сад, Србија, има еден прекрасен центар каде сè е како што треба да биде. Од физиотерапевти, дефектолози, логопеди, стручни лица кои константно се 24 часа над дечињата. Тоа значи дека родителот може да ги остави децата подолго време за да работи. Ние сме соочени со фактот дека нема каде да ги оставиме децата, вели Николовска Ристановска.
Дека малолетни деца не можат да престојуваат во Психијатриската болница, потврдуваат и од канцеларијата на Народниот правобранител. Европскиот комитет за превенција од тортура во моментот престојува во земјава и најверојатно ќе ги посети психијатриските клиники за да ја процени состојбата во нив и третманот кој пациентите го добиваат таму.
Малолетни лица можат да бидат на Клиниката за психијатрија, а во специјализирани здравствени установи можат да се третираат лица кои се полнолетни, над 18 години, вели државниот советник на Народниот правобранител, Драги Целевски.
Анес по еден месец престој во Демир Хисар дома беше вратен со рани од синџирите со кои бил врзуван, рече неговата мајка Салка Абдуловска, која ја раскажа приказната за Телма. Иако состојбата не му се подобри, како што тврди семејството, од Психијатриската болница побраа да си го земат токму поради посетата на Европскиот комитет.
Во болницата ни рекоа ќе го смират, му препишаа терапија, примаше месечна инекција и тоа не го смируваше и ни се јавија да си го земеме детето затоа што ќе доаѓала европска комисија, рече мајката Салка.
За третманот на 17 годишното момче со аутизам во психијатриската болница во Демир Хисар, реагираше и Хелсиншкиот комитет, од каде велат дека ќе го истражат случајот и ќе ја посетат установата.
Ќе ги преземеме сите мерки кои треба да се преземат доколку се постапувало со нехумано однесување кон пациентот. На ваквите појави треба остро да се реагира, треба да се санкционираат и да се исфрлат од употреба, вели Уранија Пировска од Хелсиншки комитет.
За случајот кој ја разгневи јавноста и предизвика бурни реакации, посебно кај родителите на деца со аутизам, вонреден инспекциски надзор по допрен глас денеска спроведува и Државниот здравствен и санитарен инспекторат, потврди за Телма директорката Рената Младеновска, а подетални информации најави за утре.
Емилија Мисирлиевска