Со ништо не може да се намали важноста и итноста на уставните измени, дециден е министерот за надворешни работи Бујар Османи. Од вечерашното „жешко столче“ на Топ Тема на Телма, министерот порача дека мораме да ја искористиме отворената врата на ЕУ поради геополитичките случувања на Европскито континент, затоа што во спротивно Македонија друга ваква шанса може да чека со децении.
Се наоѓаме пред сериозен историски моментум, знам дека политичарите тоа го кажуваат секогаш и веќе губи од тежина. Меѓутоа навистина, после Втората светска војна и формирањето на ЕУ, ваков геополитички моментум немало никогаш со руската агресија во Украина. И оттука е нашата итност да фатиме чекор со ова отварање на ЕУ. Бидејќи јас често велам дека ЕУ се шири по два принципи, меритократски и геополитички. Што значи тоа? Дека таа голема железна врата се отвара периодично во одредени геополитички тригери и моментуми, а влегуваат, во тој период на отворена врата, тие што се спремни, рече министерот Османи.
Според него, Македонија не смее да ја пропушти оваа шанса.
Очигледно се слушаат врисоците на таа железна врата како се отвара, ќе влезат само тие што се спремни. Ако ние ја пропуштима оваа шанса, вратата ќе се затвори. Во некој друг геополитички моментум, после неколку децении, откако ние сме ги изгубиле сите шанси, е тогаш ќе се отвори повторно, рече Османи.
Инсистира дека во текот на преговорите со Софија, владата успеала да го помести тежиштето од историско-идентитетскиот корпус на прашања во малцинско-човековите права.
Парадигма на малцинско-човековите права е уставните измени и акцискиот план за малцинства кој што е дел од патоказот. Другото прашање е историска комисија, протокол, јазик итн. Значи ние успеавме топката да ја пренесеме во поле кое што е наше, во кое што ние сме најдобри. И затоа уставните измени беа наш интерес, уставните измени се наш интерес, и апсолутно сметам дека опозицијата беше грешка на 19 јули и сѐ уште е грешка. И затоа велам дека идејата за уставни измени прв пат ја слушнав во ВМРО-ДПМНЕ, дека доколку Бугарите беа внесени во Уставот заедно со другите во 2001-та до сега ќе имавме оформена свест за посебна бугарска малцинска заедница. Зошто некој сака да го спречи, тезите за бугаризација, видете целата ситуација е парадокс, вели Османи.
Појаснувајќи ја својата изјава во интервјуто за Франкфуртер алгемајне цајтунг, каде вели дека очекува Бугарија да излезе со дополнителни барања, Османи рече дека по дефинирањето на преговарачката рамка тие нема да можат да го блокираат процесот на пристапување кон ЕУ.
После 19 јули има една квалитативна промена, бугарските барање се протегаат сѐ до еден ѕид наречен „Преговарачка рамка“. Какви сакате бугарски барања можете да имате во овој период, тие ќе удрат во ѕидот наречен „Преговарачка рамка“. Кај нас стига само тоа што го дозволува преговарачката рамка, рамката е дефинирана, сѐ е таму зацртано, изгласано од сите 27 земји членки. И затоа јас во интервјуто велам „Да, Бугарија ќе има нови барања, ќе има некоја нова влада, претседателот ќе влезе во предизборна кампања и ќе почне да лиферува барања“. Меѓутоа, тие барања, тие бранови ќе удрат на преговарачката рамка. Пред 19 јули опасно беше што ќе влезе во преговарачката рамка, сега ситуацијата е чиста. Бенчмаркови за прогрес во процесот се два патокази, патоказ за владеење на право и патоказ за јавна администрација. Само еден компромис е прифатен од Бугарија, акцискито план за малцинства, затоа што ние сакавме тежиштето да не биде историјата, туку малцинските права, рече османи.