8 фирми, во три држави, 13 имиња и блиска врска со семејството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Сето тоа беше дел од шемата на фирми и поединци кои го користеле и земале дел по дел од имотот во сопственост на државата по конфискацијата на Трансмет. Во шемата беа содржани имињата на фирмите кои биле формирани или се активирале во градежништво, нискоградба и трговија со станбен и деловен простор во времето додека траела трапавата реакција на државата во судниците на кои се расправало за веќе конфискуваниот имот. Дополнително, вредноста на имотот преку проценки на стручни лица бил намален за најмалку 7 пати.
Во шемата која ја направи ДКСК, сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски се појавува двапати. Во период на разграбувањето на конфискуваниот имот, меѓу јули 2020-тата и февруари 2021-ва формирал две фирми во странство. Во Хрватска ја формирал БО Комплекс Загреб, а во Виена, Австрија- фирмата B.I. Property Invest Gmbh Wien. Во првата партнер му станал тогашниот директор на Шпаркасе Македонија, Саша Боко, додека во австриската, партнер на Јахоски е Ерѓул Мемедоски, австриски државјанин роден во Пласница.
Семејството на осудениот Сеад Кочан во шемата за користење на конфискуваната механизација
Во шемата се 4-ца членови на семејството Кочан, Сеад кој е осуден во Труст, како и Тима, Дин, и Сеид. Ќерката на Сеад Кочан,Тима е основач на фирмата за нискоградба, Аваз Холдинг, каде управители еден по друг биле Осман Муртези и Хасредин Ризвановиќ. И двајцата имале врски со Трансмет, Муртези бил технички директор во фирмата на Кочан, а по конфискацијата отвара фирма со ќерката на поранешниот газда.
Спомнатите ликови се движат во заедничка насока. Учествуваат во формирање на фирмата АДАСТРА- Скопје. Сопственици на АДАСТРА биле банкарот Саша Боко и две фирми Технопат и БИ-Холдинг.
При антикорупционерските проверки, најголемо внимание и необични финансиски резултати им привлекла фирмата Технопат. Била регистрирана за градежни активности односно под шифра на дејност 42.11, изградба на патишта и автопати. Немала опрема и механизација во билансите, но остварила приход од милион и пол евра од април 2021-ва кога е формирана до крајот на 2022-ра. Одговорот според ДКСК е во опремата која е конфискувана од Трансмет, но никогаш не преземена од државата.
Како се печалат милиони од камиони за изнајмување?
А заработката од таква тешка механизација не е мала ниту наивна. Големите багери и друга механизација може да се изнајмуваат, цените се движат меѓу 70 и 100 евра на час по машина. Така доколку една огромна машина се изнајми при изградба на пат, таа таму останува со денови, па ако дневното изнајмување е по околу 2 илјади евра тогаш само од една за месец дена се вадат чисти по 50 илјади евра профит.
Машините беа одземени од Трансмет во јули 2018-та година со првостепената пресуда и биле во имот на државата до крајот на минатата година, кога две банки како заложни доверители ги продале.
Или повеќе од 4 години, тие работеле и некому му носеле профит. Провизорно, приходот од изнајмување на само едно возило на механизација, за тој период од над 50 месеци изнесува неверојатни 2 и пол милиони евра. Тие пари наместо во буџетот завршувале во приватни џебови. А конфискувани биле околу 200 парчиња механизација.
Опремата накрај била продадена од страна на банките кои го искористиле правото на заложен доверител. ДКСК пресметала дека само со губењето на механизацијата, државата претрпела штета од дополнителни 207 илјади евра. Бидејќи опремата била продавана по цена пониска од онаа во пресудата Труст.
Странски банкар во македонска шема
Во шемата, како партнери на банкарот Саша Боко во АДАСТРА била Технопат, за која постојат сомнежи дека ја користела опремата конфискувана од Трансмет. Во сопственичката структура на Технопат пак се Горан Тодоровски, фирмата Аваз на Тима Кочан, ќерка на Сеад Кочан, управувана од поранешните менаџери на Трансмет, Муртези и Ризвановиќ, а двајцата се исто така сопственици во Технопат.
Третиот сопственик на АДАСТРА, партнер на Технопат, осомничен дека ја злоупотребувал конфискуваната опрема на Трансмет е БиХолдинг. И таа има конекции кон ДУИ, но и кон семејството на Али Ахмети.
Би Холдинг е компанија чие седиште е во зградата изградена од Пуцко Петрол до Лептокарија во Карпош. Сосптвеник на Би Холдинг е Хана Јахоска. Но Би холдинг е регистрирана на иста адреса, во иста канцеларија со фирмата К.С.А. чии основачи се Ерџан Сулкоски и Куштрим Смајлај. Сулкоски е мнозински сопственик во РКМ- фирма која и продаде државата мазут за над 110 милиони евра за помалку од две години. Куштрим Смајлај е зет на Али Ахмети, претседателот на ДУИ.
Шемата на ДКСК од обвинителството уште во јули не беше прифатена како адекватна.
Обвинителство за иницијативата на ДКСК: Ја оддолжи истрагата
Оттаму тврдат дека истрагата за конфискацијата на Трансмет е пред крај, на сила стопирана поради, според нив непотполната презентација на случајот од страна на ДКСК пред два месеци. Се уште немаат одлука затоа што два месеци ги проверуваат наводите на Антикорупциска кои всушност не биле нови за нив.
-Во предметот за кој покажувате интерес, јавниот обвинител беше пред донесување на јавнообвинителска одлука во моментот кога ДКСК на јавна седница објави дека поднесува иницијатива за кривично гонење за истиот настан. Со оглед на тоа што иницијативата беше јавно најавена, а со цел да избегне какви било шпекулации во јавноста, обвинителот ја сочека иницијативата и детално ја спореди со сите докази прибавени во предметот. Притоа, како што веќе беше јасно од направената презентација на седницата на ДКСК, иницијативата се засноваше на дел веќе познати и на дел застарени и надминати околности, кои на ниту еден начин не се правно релевантни за јавнообвинителската одлука, одговорија од обвинителството.
Оттаму додаваат дека „за сите овие околности обвинителството веќе имаше обезбедено соодветни докази.“
-Штетата на постапката за која беше јавната реакција на обвинителството се однесуваше токму на одолговлекување на постапката на овој начин, но и на јавно презентирање на невистинити и погрешно интерпретирани факти, кои ја нарушуваат пресумпцијата на невиност и без соодветен доказ го прејудицираат текот на постапката. Jавнообвинителската одлука се изготвува и штом биде донесена, јавноста ќе биде известена, одговорија за КОД од обвинителството.
Дедо Мраз од граѓански суд
Антикорупциската во петокот (29.09.2023.) се наврати на случајот. Од јули досега им стигнале нови анонимни достави на сознанија за криминални и коруптивни потези при конфискацијата на Трансмет.
Отворена е дополнителна постапка, а на старата, од јули, иницијатива, им одговорил судскиот совет кој најавува постапки и мерки за откриените досега работи. Не се кажува што открил Судскиот совет, за судии кои работеле на предметите поврзани со конфискацијата.
Обвинителството и натаму стои на ставот дека има пресуди за поништување на спорниот нотарски акт со кој конфискуваниот имот од Трансмет, магично се префрлил во сопственост на Пуцко Петрол. Граѓанскиот суд утврдил дека целта на актот на нотарот Мухамед Шеху бил да ја спречи конфискацијата и да ја мнамали вредноста на одземеното.
Апелација во јануари ги одбива жалбите и утврдува дека нотарскиот акт е неважечки, а Пуцко и уште една компанија треба да се откажат од имотот кој го зеле. Но, во катастар се уште има парцели кои биле конфискувани од државата, но се префрлени во сопственост на Пуцко петрол.
Дополнително има и неколку пресуди за механизацијата, во кои Апелација ги одбива тужбите на државата и ја потврдува и озаконува банкарската лицитација на механизацијата на Трансмет која е продадена на трети лица, лани на 23-ти декември.
Пред Нова Година, кога се делат подароци, државата и граѓаните останале без она што им било пресудено затоа што е стекнато со кривично дело.
ЕУ награда за истражувањето на КОД за конфискацијата на Трансмет
КОД досега 8 пати ја истражуваше конфискацијата на Трансмет, серијалот доби признание, трето место како награда на конкурсот на ЕУ за новинарски истражувања. Од друга страна, и главниот во шемата Сеад Кочан е пред награда, од државата.
Преку законот за амнестија кој е во фаза на донесување, може многу скоро да излезе на слобода без доиздржана казна и без нереализирана конфискација, која самиот ја попречувал. И која се уште се тркала по судници и ходници.
Миомир Серафиновиќ
Прилогот е емитуван во емисијата објавена на Телма на 01.10.2023.