Со темпото со кое се менуваат работите во подобрување на положбата на жените во Македонија, според Индексот на родова еднаквост, пресметано е дека ќе поминат 57 години пред во земјава да се постигне целосна родова еднаквост. Сепак, истражувачката и коосновачка на Stella Network, Сара Миленковска смета дека немаме толку време за чекање.
Немаме привилегија и време да чекаме да се подобрат работите, би рекла дека многу доцниме со некои работи, особено бидејќи ефектот на тоа што не сме сработиле, и на тоа што дури имаме и регрес за некои прашања го гледаме сѐ повеќе и повеќе. Немаме време за одредени работи да чекаме целиот свој животен век, па и повеќе од тоа, да се променат. Додека ние ги дискутираме овие работи има ранливи категории на луѓе коишто ја немаат таа привилегија за толку време да се чека, особено тргнувајќи дека родовата нееднаквост, и тука исто и родово базираното насилство се повеќе и повеќе се зголемуваат, рече таа.
Посочувајќи дека има политики за родова еднаквост кои ја подобриле позиција во однос на минатото, таа потсети дека ова не се увезени идеи само заради патот кон ЕУ.
Кога зборуваме за родова едноквост не зборуваме само за жените, тука се вклучени и мажите, и сите жени во нивните различности, бидејќи родовата еднаквост значи за сите подобро, значи подобра економска, политичка и социјална состојба на Македонија, рече Миленковска.
Наместо системска промена или промена на вредностите, таа смета дека е потребно зацврстување на вредностите коишто ги имаме, како вредностите на солидарност, поддршка, соработка, градење на коалиции.
Ова го кажувам бидејќи сметам дека потребно е малку да воведеме надеж во целата дискусија околу овие работи, тоа не би значело дека треба да бидеме наивни дека работите се супер и прекрасни, туку повеќе дека мораме да бидеме реалистични и мораме да видиме дека има работи кои што навистина не функционираат и потфрлаат институциите, особено сега видовме и со фемицидите што се случуваа. Затоа мораме да престанеме со дебатата и да се фатиме за работа, порача Миленковска.