Вести Македонија Најважни

Инквизиторски методи од 19-от век – стручните лица остро критикуваат за третманот на детето со аутизам во Демир Хисар

Инквизиторски и застарени методи при третирање на дете со аутизам. Стручната фела остро критикува за случајот во Психијатриската болница „Демир Хисар“.

Во Европа веќе со децении не се врзуваат децата со оваа состојба. Кај нас, мајка зборуваше за фиксирање со синџири и за модринки и гребаници по телото на нејзиниот седумнаесетгодишен син со аутизам, кој бил однесен во здравствената установа откако покажувал поголема агресија.

Многу доктори по медицина во земјава не се подготвени за проблемот со аутизмот, оценува професорот Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија. Повикува да има санкции за тие коишто се поврзани со скандалот во психијатриската болница.

  • Тоа се инквизиторски методи коишто се својствени за деветнаесеттиот век. Во медицината одамна е напуштено фиксирањето и врзувањето за кревет. Децата со аутизам воопшто не смее да бидат тепани. Со такво агресивно однесување ние можеме да ги внесеме нив во психотизација. Колку и да било агресивно тоа дете, постојат други методи во смисла на медикаментозна терапија, седативи за тоа дете да се смири. А, никако да се фиксира за кревет, да се врзува или да се тепа, смета Проф. Д-р Владимир Трајковски – Институт за дефектологија на Филозофскиот факултет при УКИМ

Психологот Ирена Николовска – Ристановска која е и мајка на дете со аутизам порачува – и деца со типичен развој може да бидат агресивни. Децата со нетипичен развој се многу почувствителни.

  • Нема две исти деца со аутизам. Тоа е како да кажете дека два орева се исти. Едниот е помал, другиот е поголем. Едниот е кршлив, другиот не толку. Агресивни можат да бидат и атипчни деца, но и типични во адолесценија. Кај овие деца може да биде поизразена агресијата затоа што тие не се вербални, не можат да се изразат. Имаат проблеми со сите сетила. Нив може да ги вознемири и миризба и боја, вели Ирена Николовска – Ристановска – Психолог и мајка на дете со аутизам

Министерот за здравство Фатмир Меџити претходно изјави дека детето со аутизам, чија мајка ги обвини лекарите за нехуман третман, било лекувано согласно протоколите за лекување и третман на пациенти и било врзувано само кога било опасно за себе и за другите.

Професорот од Институтот за дефектологија, Трајковски, ги анализира причините поради кои децата со атипичен развој можат да пројават поголема агресија.

  • Најчесто децата имаат некаква болест или внатрешна болка. Честопати имаат синдром на пропустливи црева и проблеми со гастроинтестиналниот систем, но не знаат да кажат дека ги боли стомакот. Исто така може да ги боли заб па да пројават такво однесување. Агресивното однесување секогаш е „врв на сантата мраз“ – така велиме ние во аутизмологијата. Под тоа ниво, во океанот има многу причини коишто можат да го предизвикаат таквото однесување, додава Проф. Д-р Трајковски. 

За случајот се огласија и од канцеларијата на Народниот правобранител од каде што отвориле предмет по сопствена иницијатива. Бараат да се испита работата на установата и да се лоцира одговорноста за случајот.

  • Ќе ги преземеме сите мерки првенствено за испитување на случајот, имајќи предвид дека немаме директна претставка од страна на родителиот за да можеме да ги добиеме основните податоци. Но, и овие податоци се доволни за да иницираме постапка и да побараме од надлежните органи да се направи надзор над работата на установата и секако да бараме соодветни информации за изнесените наоди од страна на родителот преку медиумите, за начинот на којшто детето беше третирано додека било сместено во установата, вели Васка Бајрамовска – Мустафа, заменик на Народниот правобранител. 

Случајот ја разгневи јавноста – а, најгласни се родителите кои ја делат судбината со Салка Абдуловска, мајката на врзуваното дете со аутизам.

Некои дури и порачуваат – дојде времето за тужби против државата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Раст на приходите од патарини во првото полугодие

Дејан Дејан

Обвинение за директорот на Геријатрија- се товари дека побарал мито 20.000 евра

Дејан Дејан

Пожарот над Кочани сè уште активен, на терен над 30 пожарникари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе