Куштрим Рамадани заминува oд директорската позиција во Топланата Скопје Север, дознава Телма. Одлуката ја донел од лични причини. Утре на состанок ќе биде констатирана неговата оставка, а кој ќе го замени се уште е непознато.
Рамадани на функцијата дојде минатата година.Топланата Скопје Север има најмал број на приклучени домаќинства, околу 400-ни и подолго време се соочува со финансиски потешкотии. Но, сепак беше топлана која минатата грејна сезона прва испорача топлинска енергија до своите граѓани, односно до жителите на Чаир и Бутел.
Поради финансиските проблеми се донесе и одлука ЕСМ да го презеде управувањето. За таа намена Државните електрани со Топланата Скопје Север, потпишаа договор за деловна техничка соработа.
Новата грејна сезона почнува за околу 10 дена. Но над 60 илјади домаќинства сѐ уште се заложници на препукувањата помеѓу ЕСМ и Градот Скопје. Не се знае дали приклучените на градско парно ќе добиваат топлинска енергија, за над 60 отсто поскапа, или пак двете иституции конечно по неколку месеци ќе се договорат кој треба да ги почне активностите за да се монтира новиот топловод кој е спас за граѓаните да не добијат драстично повисоки сметки за парно греење.
И РКЕ досега неклку пати апелираше да се реши проблемот за да не се случи ценовно цунами. Поради тоа што сѐ уште не е поставен новиот топловод на мостот Беласица, регулаторите не ја носат новата одлука за цената на греењето која требаше да се соопшти уште на крајот на месец јули, како што тоа се прави вообичаено секоја година.