Вести Македонија

Законот за амнестија ќе ги „отклучи“ затворските ќелии и на двајца осудени во „Монструм“

Албум со слики од условите во затворот во Идризово и огледало за пратениците да се запрашаат себе си пред гласањето за предлог Законот за амнестија ќе им однесе министерот за правда Кренар Лога, кој очекува поддршка од сите пратенички групи, откако ВМРО-ДПМНЕ најави блокада. Но, уште не влезен во собраниска процедура амандман најави СДСМ, бидејќи меѓу амнестираните има имиња како Хаки Азири и Фејзи Азири, осудени за случајот „Монструм“.

Тие се осудени на 9 и 15 години затвор за „Помагање на сторител по извршено кривично дело“, откако претходно се товареа за тероризам, дело кое не е предмет на амнестија.

За Лога прашањето дека и тие ќе бидат предмет на амнестија беше тенденциозно, бидејќи судот е тој што им ги преквалификувал делата поврзани со петкратното убиство кај Смилковското езеро. Ако амнестија за овие кривични дела имало во 2018 година, тогаш тоа ќе биде случај и со новиот закон, кој како што рече Лога, не се бави со конкретни предмети.

Кој ќе биде опфатен ќе се калкулира после од Управата за извршување на санкции. Повикувам да не се игра со имиња и емоции на случаи. Од таму нема да излегуваат академци, се знае дека оттаму ќе излегуваат затвореници кои се осудени за кривични дела. Значи само во ВМРО-ДПМНЕ може да случува да влегува во затвор криминалец и да излегува како академик и да се пречека во палата како да е некој јунак во државата, посочи Лога.

Но, на пратеничкото прашање од ВМРО-ДПМНЕ дали како родител е подготвен да ги амнестира осудените за „Монструм“, премиерот Димитар Ковачевски најави амандман на предлог законот.

Штом законот ќе влезе во собраниска процедура доколку има такви случаи кои што вие ги наведувате пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман со кој истите ќе бидат исклучени од можноста за амнестија, одговори Ковачевски.

Лога наведе и дека се работи за истиот закон од 2018 година, притоа изземени се делата кои беа опфатени со измените на Кривичниот законик, како и и делата поврзани со семејно насилство.

Не очекувам дека ќе биде блокиран. Ако биде блокиран тогаш ВМРО-ДПМНЕ и другите политички партии ќе треба да се демантираат себе си од законот од 2018. Значи ист е законот. Сега било која политичка партија. Кој сака да игра предизборна кампања. Со овој закон ќе треба себе си да се гледа на огледало и затоа најавиј јас, албум со слики од условите во затворот во Идризово, сите пратеници ќе добијат од мене и огледало, рече Лога.

Со законот се предвидува намалување на казните за оние кои сториле полесни кривични дела. Од казна затвор се предвидува да бидат ослободени, осудените до шест месеци, а останатите ќе добијат намалување на казната од 30 отсто.

Предлог Законот за амнестија ќе се најде во собраниска процедура по 10 дена, откако министерот ќе се врати од посетата на САД. Од вкупно 2.114 затвореници, целосна амнестија ќе добијат 286 од нив, а делумна амнестија 996 затвореници. Додека пак 2.813 лица допрва треба да одат во затвор.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе