Група македонски граѓани се исто така заглавени во српското село Бањска, каде цел ден трае вооружебниот судир помеѓу сѐ уште непозната група и косовската полиција. Тие се обратија до нашата редакција, барајќи помош за нивно извлекување од селото. Велат дека се многу исплашени затоа што ситуацијата од час во час се влошува.
Според нивните зборови, тие уште од утрото контактирале со македонската амбасада во Приштина, од каде што им била ветена помош, но таа до сега не пристигнала. Тие исто така се во комуникација и со косовската полиција, но засега остануваат заглавени во опсаденото село.
Станува збор за шест возрасни лица и едно малолетно дете.
Македонското Министерство за надворешни работи потврди дека се во контакт со нив.
Во раните утрински часови, преку дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи, добиена е информација за седум државјани на Република Северна Македонија, од кои едното од нив дете, кои се сместени во хотел, во непосредна близина на манастирот каде е извршен вооружен напад врз косовските полициски сили, се вели во соопштението на министерството.
Од министерството додаваат дека после дадените искази на косовската полиција тие ќе можат да бидат испратени дома.
Во текот на денот, во неколку наврати Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари директна комуникација со Министерката Гервала, и во моментов косовските полициски го обезбедуваат хотелот каде се сместени нашите државјани, од каде се очекува после оствареното интрвју тие да бидат испратени кон дома.
Покрај нашите граѓани, во селото исто така заглавена е и група од 50-на верници од Нови Сад. Според српските медиуми, тие се заклучиле во манастирот, околу кој постојано се слушаат истрели.