Сериозен ризик, со црвени букви. Ваков опис добија свежите македонски пиперки извезени во Хрватска.
Вчера наутро бил испратен аларм преку електронскиот систем на ЕУ за предупредување за небезбедна храна. Граничната контрола била последната станица за пиперките, наместо хрватскиот пазар за каде што биле наменети.
Причината е детално наведена. Истата гласи – отстапување од рамките на дозволеното ниво на хемикалии. Станува збор за остатоци од пестицидот наречен форметанат. Отровен е доколку влезе во организмот по орален пат, делумно токсичен ако се вдишува, а може да биде штетен и при допир со кожа.
Случајот го потврдија и од Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Од страна на хрватските власти е забранет увозот на спорниот производ. Доколку пратката со небезбедните производи се врати во земјава, АХВ ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата“ соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Но, податоците од системот на ЕУ покажуваат дека веќе се преземени мерки и производот е уништен. За овој случај денес пишуваат и хрватските медиуми.
Форметанатот е инсектицид кој и понатаму во многу земји се користи при производството на овошје и зеленчук. Но, регулативата на Европската унија го отфрла.
Ова не е првпат да се случи странските контроли да откријат токсични македонски производи.
Петар Догов