Основното јавно обвинителство Скопје почнува истражна постапка против 18-годишен скопјанец, кој на 30-ти август годинава, возејќи со неприлагодена брзина во населбата Пинтија удри 17-годишно девојче кое се движела по тротоарот, избега од местото на несречата, а девојчето следниот ден почина. Обвинителството бара од судија на претходна постапка да му одредат мерка притвор, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, но и стравување дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело.
Кривичното дело за кое е осомничен е Одземање на моторно возило од член 242, со одземеното возило сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, а потоа и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 30 август, од паркинг просторот пред зграда лоцирана на булеварот „3-та Македонска Бригада“ противправно одзел туѓо моторно возило со намера да го употреби за возење. Управувајќи го украдениот автомобил „Алфа Ромео“ со скопски регистарски ознаки, по булеварот „Борис Трајковски“, осомничениот не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.
Автомобилот го управувал без возачка дозвола, а брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, изгубил контрола над управувачот и со возилото излегол надвор од коловозот на тротоарот од десната страна, каде удрил во телото на пешак. Од ударот, оштетената која се движела како пешак по тротоарот, се здобила со тешки телесни повреди и подоцна починала.
По ударот, без да укаже помош на оштетената, осомничениот продолжил да вози, повторно изгубил контрола над управувачот од возилото и удрил во метална ограда. Го оставил возилото и пеш го напуштил местото, криејќи се од органите на прогонот.