Владата донесе одлука за издавање на концесија за користење на води за производство на електрична енергија и оглас за најповолна понуда за изградба на хидроцентралата Чебрен, а за најдобра е избрана на понудувачот „PUBLIC POWER CORPORATION“ грчка компанија која учествуваше на јавниот повик и достави тендерска документација.
Како што информираат од ЕСМ, изградбата на Чебрен ќе чини околу една милијарда евра и од неа се очекува да се произведуваат најмалку 333 мегавати електрична енергија.
По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае седум години.
Новата хидроцентрала покрај производство на електрична енергија, ќе има и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.
Да потсетиме дека идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години. Според Информацијата од Министерството за животна средина и просторно планирање, се започнати уште од 1964 година, со тоа што во 1986 се склучени договори за изработка на инвестициско-техничка документација за ХЕ Чебрен. Последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години. Постојниот Јавен повик е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река.