Свирежи, нервоза, сообраќаен метеж. Три месеци како мостот Беласица е затворен за сообраќај. Граѓаните револтирани велат, затворениот крвоток на градот ни го отежнува животот и тој треба веднаш да биде пуштен во употреба.
„Го отежнува сообраќајниот крвоток. Друго е да поминува од тука , друго е околу да вртат. Се создава метеж? – Да, да“, вели една граѓанка.
„Навистина штета веќе еве повеќе од три месеци што е мостот блокиран и ни го отежнува животот во делот кој што живееме, према Лисиче, Аеродром посебно кога ќе се оди на работа и кога се враќаме од работа. Така да надлежните треба преземат мерки што побрзо да се реши овој проблем. Можеби требаше да се заврши и овој кај хотел Русија, таа експропријација да се заврши . Штета мостот е направен а не функционален. Навистина во државата како да не сакаме да ги запазуваме роковите и да им го олесниме животот на луѓето. Огромен метеж, треба по саат два да патуваме со возило. Мене олеснително ми е сега со тротинет сум одел на работа само заради тие гужви кои што се создаваат“, вели граѓанин.
Екипите на ЕСМ треба да ги отстранат топловодите од под мостот Беласица за да може градот да го санира и пушти во употреба, беше условот на експертите ангажирани од градоначалничката Арсовска. Денеска состојбата на терен беше ваква.
Сообраќајниот крвоток три месеци е затворен за сообраќај откако го зафати пожар. Градоначалничката Арсовска прво го ангажираше Градежниот факултет да направи експертиза и да утврди колкави се штетите, па откако се „скара“ со деканот,одговорноста му ја додели на приватниот институт за сеизмологија на професорот Михаил Гаревски. Неговата експертиза заврши, заврши и отстранувањето на топловодите,сега на потег е градот Скопје. Телма побара одговори од градските власти кога Беласица ќе биде пуштен во употреба, но до објавување на овој прилог не добивме одговор. Според неофицијални информации од понеделник граѓаните ќе може да возат по една сообраќајна лента на овој потег од градот.
Симона Петровска