Денеска е недела. Телефонските оператори на Министерството за внатрешни работи (МВР) за закажување термин за вадење на лични документи не работат, но граѓаните се плашат дека ќе останат без неопходната идентификација.
Една граѓанка за Телма вели личната карта и истекува во декември, а термин за вадење нова нема. Веб страната на МВР е конструирана на таков начин што не може да се закаже термин за повеќе од 60 дена. А сите термини во тој рок се веќе зафатени. Па, единствена опција за граѓаните е да се јават телефонски, но и таа линија постојано е зафатена. Прашуваат како ќе функционираат без лични карти и како ќе патуваат без пасоши. Дали МВР ќе обезбеди можеби некои посебни потврди и дали може да се извадат документи надвор од Скопје, ако е таму гужвата помала.
Телма на овие прашања побара одговори од надлежните. Од МВР ни рекоа дека до овој момент нема одлука за издавање на било каков документ дека се чека термин. А со старата патна исправа нема да може да се преминува граница, исто така стара лична карта нема да биде прифатена како документ во ниту една институција.
„Документите се вадат по место на живеење. Старите документи после 12.02.2024 година нема да имаат важност, без разлика кога истекуваат. МВР максимално искористувајќи ги сите капацитети, ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи. До сега околу 1.000.000 граѓани извадиле пасош со името Република Северна Македонија“, соопштуваат од МВР.
Откако вчера од МВР не информираа дека гужвата е само во Скопје, Телма ја провери ситуацијата во дел од градовите низ Македонија..
Освен скопјани и битолчни се жалат дека не можат да дојдат до потребниот термин за обнова на документите. Граѓаните ни испратија и снимка дека воопшто не можат да пристапат до сајтот за онлајн закажување. Од радовиш ни велат дека сите гастербајтери си доаѓаат летово па за вадење на документи радовишани ќе почекаат о есен. СВР Тетово поради навалицата вовеле работа во две смени и отвориле шалтер во Теарце.
„Од почетокот на август шалтерите во ОВР Гостивар, започнаа со работа во две работни смени. Од месец јули во дисперзираната базна станица за фотографирање во Полициската станица Теарце покрај жителите населените места од Општина Теарце, можат да ги продолжуваат нивните лични документи и жителите од Општина Јегуновце, освен лицата кои за првпат вадат вакви документи“, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово
Освен закажувањето термин, граѓаните се соочени со зголемени цени на услугите. Па така Сумата за вадење на лична карта е 310 денари, за возачка дозвола 410 денари, а за пасош за лицата над 27 години е 2.000 денари. Така само за еден возрасен граѓанин сумата е 2.720 денари. Ако треба за четири члена ударот врз семејниот буџет надминува 10 илјади и 800 денари.
Тамара Марковска