На вештачка трева, на игралиштето на АМС во Тетово, ФК Тетекс вчера беше домаќин на натпревар во Втората македонска фудбалска лига против екипата на Осогово. Тие сѐ уште не можат да играат на градскиот стадион, откако локалната самоуправа одлучи дека тој ќе се користи само за фудбалски натпревари во Првата лига.
Од Управата на Тетекс деновиве и преку писмено соопштение и преку прес-конференција побараа сите клубови да бидат рамноправни и потсетија дека и по неколку месеци по состанокот со градоначалникот и други раководни лица, нема никаков договор и реализација на нивните барања. Сега борбата ја продолжуваат преку институциите.
„Почнуваме институционална борба. Најпрво ќе се обратиме до сите меѓународни фактори, до меѓународната заедница, до Антикорупциска комисија, до Комисијата за антидискриминација. Понатаму, доколку не дојде до решение ќе има и протести“, изјави Бобан Мишевски, спортски директор на ФК Тетекс.
Телма: Дали ве контактираа од Општина Тетово?
Мишевски: Никој, до ден денеска никој“.
Фудбалерите на Тетекс немаат пристап ниту до стариот стадион каде им се и клубските простории, па тренинзите ги прават на вештачка трева и во никакви услови. Од Управата побараа и полицијата да се вклучи, зашто вратата која води до теренот е заклучена.
„Затворена ни е вратата, не може да се излезе на тој терен на стариот градски стадион и да се тренира. Веќе случајот е пријавен во полиција, понатаму МВР ќе си преземе соодветни мерки, да видиме кој ја затворил вратата, зошто ни е оневозможено да се излезе на тој терен таму да се одвиват нашите тренинзи“, додава Мишевски.
И ФК Љуботен и ЖФК Љуботен не можат да ги користат стадионите. Поради забраната се огласи и поранешниот прв човек на Љуботен, Мирко Видоески. Тој вели дека вистинските сопственици не можат да тренираат и да играат на своите стадиони.
„Стариот стадион е изграден од ФК Љуботен во периодот од 1936 до 1938 година на земјиште купено од ИВЗ од тогашниот претседател Нико Гогов којшто го подарил на клубот. Стадионот по Втората светска војна е национализиран и станал градски, а новиот Градски стадион сите знаат дека е изграден во 1979-1981 година по заслуга на Стојан Ѓорчески и со најмногу финансиски средства од комбинатот „Тетекс“, којшто учествувал со 79 отсто од средствата, комбинатот „Југохром Јегуновце“ со 12 отсто, другите тетовски претпријатија со 6 отсто и Општина Тетово со 3 отсто. И сега оној што дал најмалку, Општина Тетово се прави газда на стадионот“, вели Мирко Видоески, поранешен претседател на ФК Љуботен.
Инаку последната реакција на Општина Тетово е од пред три дена. Во неа се вели дека Општината отсекогаш постапувала транспарентно и одговорно кога бил во прашање соживотот меѓу заедниците. Средба со претставници на клубовите имало и се постигнал јасен консензус. Градскиот стадион да се користи само за фудбалски натпревари во Првата лига и меѓународни фудбалски натпревари, но и за натпревари од особено значење. Со ова, како што се вели во реакцијата, Општината покажува решеност да гарантира дека овој стадион треба да биде опремен со сите потребни услови и стандарди.
За екипите кои настапуваат во пониските лиги, општината има јасен став: ќе се уредат и други терени опремени со сите потребни услови за спортски натпревари. Така, еден терен ќе се гради кај Спортскиот центар во градот, а друг во село Сараќино.
Данијела Билбилоска