По завршувањето на финалето во ракометниот Куп на Македонија во Охрид минатата сабота, се случи еден од најбизарните инциденти на македонската спортска сцена. Полицаец со пендрек го удри ракометарот на Вардар и македонски репрезентативец Филип Талески. МВР веднаш реагираше и денеска му поднесе кривична пријава и го суспендираше полицаецот.
Јавноста остана во шок по завршувањето на натпреварот во салата „Билјанини Извори“. Ракометарите на Вардар и Еурофарм Пелистер започнаа мала мешаница откако „црвено-црните“ победија во неизвесна и тензична завршница. Реагираше обезбедувањето за да ги смири страстите, како и полицијата, но еден припадник на МВР без никаква потреба и провокација со пендрек го удри Филип Талески и тоа во глава.
Министерството веднаш реагираше и веќе следниот ден објави дека отвора предмет за постапките на полицаецот, а тоа резултираше со кривична пријава и суспензија.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје, поднесе кривична пријава против Х.Р., вработен како полициски службеник во полициска станица на подрачје на СВР Охрид, поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело „малтретирање во вршење на службата“, по член 143 став 1 од Кривичниот законик.
Имено, пријавениот на 13.05.2023 година, околу 20.00 часот во Спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид по завршување на ракометен натпревар, при вршење на службата со умисла извршил малтретирање врз оштетениот Ф.Т. на начин што неосновано и прекумерно употребил средства за присилба врз него.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, како овластен предлагач, против Х.Р. ќе покрене постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, а работникот ќе бидат суспендиран од работа до завршување на дисциплинската постапка“, стои во соопштението на МВР.
Овој инцидент остави црна дамка на ракометниот спектакл, но и на македонскиот спорт воопшто. Талески за среќа мина без посериозни повреди.