Запленети се седум тони кокаин и уапсени се водачи на Балкански картел во големата акција на српската полиција во соработка со Европол. Акцијата е спроведена во координација со полициите на Белгија и на Холандија, а апсењата се извршени на териториите на Белград, Ниш, Лазаревац, Суботица и Зрењанин. Од слобода се лишени 13 лица под сомнение дека учествувале во меѓународна трговија со наркотици, додека во бегство се четири лица, соопшти српското Обвинителство.
Организираната криминална група, која ја сочинуваат 20-тина лица, се сомничи дека во текот на 2020 година учествувала во набавка и транспорт на повеќе од шест тони кокаин од Јужна Америка кон земјите од Западна Европа и Србија. Групата делувала на подрачјето на Карибите на Аруба во февруари лани договорила за само една испорака на дрога исплата во износ од 4,5 милиони евра.
Во тек се претреси на повеќе локации.
Вчера, пак, соработка меѓу македонската и грчката полиција резултира со заплена на 105 килограми кокаин на пристаништето во Солун. Пратката пристигнала од Еквадор и била сокриена во три контејнери со банани кои, според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), биле нарачани и платени од правно лице од Скопје.