Во Турција, во недела се одржуваат претседателски и парламентарни избори, кои би можеле или да го продолжат се поизразеното авторитарно владеење на шефот на државата, Реџеп Таип Ердоган, во третата деценија или да ја врати земјата на постабилен демократски пат.
Овие избори се одржуваат во услови на изразен пад на економското производство, растечката инфлација и само неколку месеци по катастрофалниот земјотрес во земјата.
Ердоган на 14-ти мај ќе го бара својот трет мандат на претседателската функција, откако во три мандати ја вршеше премиерската функција. Тој веќе има статус на лидер на Турција со најдолг стаж.
Иако и неговите најверни подржувачи се свесни за проблемите со кои се соочува Турција во актуелниот момент, уверени се дека единствено 69-годишниот Ердоган може да ја извлече државата од кризата.
- Да, оваа економска криза сите не засега во голема мерка. Не можеме да купуваме производи по истата цена, ги плаќаме поскапо. Причината заради која е вака е дека ова е општа глобална економска криза, нафтата итн. Но, повторувам: мислам дека никој друг освен него не може да дојде и да го среди ова, вели Сабит Челик, подржувач на Ердоган.
Според сите истражувања на јавното мислење, нема никаква дилема дека овие избори се најголемиот предизвик досега за Ердоган.
Негов главен ривал за освојувањето на претседателската функција е Кемал Кличдароглу, лидер на секуларната, републиканска народна партија од идеолошкиот лев центар.
74-годишниот Кличдароглу е заеднички кандидат на шареноликата коалиција од шест партии, кои ветија дека ќе го демонтираат претседателскиот систем кој Ердоган го инсталираше и ќе ја вратат земјата меѓу парламентарните демократии.
- Ние шестмина лидери сме обединето. Ќе победиме зашто сме обединети. Зошто ќе победиме? Зашто сме обединети. Ќе победиме зашто сме обединети и ќе ја однесеме Турција кон светлината, вели Кемал Кличдароглу, претседателски кандидат
Последните анкети му даваат мала предност на Кличдароглу пред Ердоган, за кого поддршката се намалува заради незадоволството на јавноста од економските проблеми, растечката инфлација и зголемените трошоци на живот. За младите турски граѓани, Ердоган е и единствениот лидер на државата кого го паметат.
- Актуелната влада ја контролира власта колку што јас паметам. Затоа е дефинитивно време за менување на работите, работите треба да се подобрат. Нашата верба е апсолутна. Ова се важни избори, многу сме возбудени, смета Бурчи Умит.
- Денеска се надеваме за себе, за нашата држава. Затоа сме ние тука. Ова е всушност наша последна можност за спасување, вели 23-годишниот Лорин Инан
Доколку нема јасен победник во првиот круг од изборите, новиот претседател ќе биде избран на вториот круг од гласањето – на 28ми мај. Ќе се гласа и за новите 600-тина членови на Парламентот на државата.
Повеќе од 64 милиони луѓе, меѓу нив и 3,2 милиони кои живеат надвор од границите на државата имаат право на глас на изборите.
Излезноста на изборите во Турција, каде гласањето е задолжително, традиционална е многу висока.
Никола Илиевски