Најцрн ден во Србија. Со вакви наслови, медиумите во соседната држава известуваат за ужасното масовно убиство во Белград, каде во училиштето „Владислав Рибникар“ во населбата Врачар, 14-годишен ученик отворил оган со пиштол кон своите соученици, една наставничка и редар, при што убиени се најмалку 9 лица, како што потврди и официјално министерството за внатрешни работи.
Според информациите на српските медиуми, ученикот, идентификуван како Коста Кецмановиќ , најпрвин пукал во припадникот на обезбедувањето на училиштето, откако тој го забележал дека носи пиштол и се обидел да му го одземе оружјето. Тој е и првата жртва на масовното убиство.
Потоа напаѓачот истрелал уште три куршуми во училишниот ходник, по што влегол во просторијата каде се одржувал час по историја и продолжил да пука.
Тука тука ја застрелал наставничката по историја, Татјана Стевановиќ, но отворил оган и кон соучениците.
Српските медиуми, повикувајќи се на полициски информации, јавуваат дека убиецот истрелал најмалку 15 куршуми од два шаржери.
Во училиштето, полицијата пронашла и ранец во кој имало оружје, муниција и молотови коктели.
Седум ранети деца во нападот се сместени во две болници во главниот град на Србија. Во ургентниот центар биле пренесени четири деца кои итно биле пренесени и во операционаат сала. Едно од нив е во тешка состојба. Уште три деца се пренесени во друга болница , каде во животно загрозувачка состојба е едно девојче, кое има тешки повреди на главата. Другите две деца се со прострелни рани, сместени се на интензивна нега со прострелни рани на екстремитетите.
Српските медиуми го објавија идентитетот на момчето кое го изврши масовното убиство во Белград