Сувата и топла зима и недостигот на врнежи во изминатиот период и годинава предизвикаа рекорден пад на нивоата на водите во реките и езерата во Италија, што пак ги потврди стравувањата на експертите дека земјата ја очекува уште една сушна година по ред. Состојбата дополнително загрижува бидејќи околните Алпи уште пред почетокот на летото останаа без резерви на снег. Алпските езера во просек складираат околу 100 милиони литри но нивното сегашно ниво не е ни на половина од вкупниот капацитет.
„Мораме да дејствуваме на различни начини. На краток рок, нема многу што може да се направи. Мораме мудро да се справиме со недоволното снабдување со вода што го имаме, давајќи им приоритет на водата за пиење, потоа земјоделството, па производството на енергија. Одржувањето рамнотежа не е лесно. На среден и долг рок, треба да имаме соодветно системско планирање, бидејќи оваа ситуација не е изолирана вонредна состојба“, изјави Алесандро Брати, генерален секретар на органот кој се грижи за басенот на најдолгата река во земјата По
Реката По, долга 652 километри, тече од северозападниот град Торино до Венеција на источниот брег. Го поминува најгусто населениот, високоиндустриски развиен и најинтензивно обработуван дел од земјата, познат како италијанска долина на храната. Тој е дом на рибари и чамци, храни богати обработливи површини, напојува турбини и го обезбедува со вода локалното население низ нејзините брегови и делти. Но на почетокот на април, нивото на реката достигна сезонско рекордно ниско ниво во последните 30 години, со проток од една третина од сезонскиот просек.
„Ситуацијата е многу критична и нивото што го мериме денес е исто со нивото што ги имавме во јуни 2022 година“, додава Брати.
Ниските текови на По и Адиџе му дозволуваат на Јадранското море да навлезе длабоко по нивното течение, загрозувајќи ги посевите, фармите со школки, водоносните слоеви, па дури и водата за пиење на некои села. Локалните и националните власти наскоро ќе бидат соочени со тешки одлуки за можното рационализирање на водата и како да се избегнат војни за вода меѓу различни италијански региони ако наскоро во земјата не падне дожд.
Александар Петрески