Тениската легенда Мартина Навратилова соопшти дека се „ослободила од ракот“, откако со месеци живеела во страв дека нема да го дочека наредниот Божик.
Освојувачката на 18 гренд слем титули на која во 2010 година ѝ беше откриен рак на дојка, кон крајот на минатата година ѝ беше дијагностициран рак на грлото и на дојката.
Пред два месеца таа информира дека двата канцера се откриени во рана фаза.
„Што се однесува до лекарите, јас се ослободив од ракот“, рече 66-годишната Навратилова во гостување во телевизиска емисија кај британскиот водител Пирс Морган.
„И натаму сум загрижена за десната дојка, веројатно ќе биде потребно зрачење, но само неколку недели што практично не се смета. Тоа е полесно да се спречи, отколку други работи. Ќе бидат добро, проблемот е 99 отсто решлив“, додава Навратилова.
Навратилова забележала зголемен лимфен јазол во вратот во ноември минатата година за време на турнирот во Форт Ворт во Тексас. Дополнителната биопсија открила дека ракот на грлото е во прв стадиум.
„Бев во паника, мислејќи дека можеби нема да го видам наредниот Божик. Во глава ми се вртеше идеја да направам список со работи што сакам да ги направам. Можеби звучи плитко, но помислив кој автомобил би сакала да го возам ако живеам уште една година“, рече Навратилова.
Голема поддршка, како што рече, била пријателката и нејзина голема ривалка од 70-те и 80-те години на минатиот век, Крис Еверт на која, пак, во декември во 2021 година ѝ бил дијагностициран рак на јајници.
„Крис е вистински дијамант. Таа ме поддржа, како и јас неа пред една година. Сличностите се неверојатни. Исто место, па и некои од медицинските сестри“, заклучи Навратилова.