Се повеќе кај мене се разбива една илузија и тоа ме разочарува дека постојат во Бугарија повеќе или помалку радикални елементи , мислам дека Македонија е ставена во центар на една комплетно опортунистичка дебата таму, која при тоа е многу емотивна и тоа ги прави условите и на нашиот европски прогрес и на нашите билатерални односи со Бугарија вакви какви што се, со еден збор невозможни и крајно депресивни, изјави во вечерашното издание на Вин –Вин, универзитетскиот професор и член на Советот за безбедност, Ненад Марковиќ.
Тој оцени дека очигледно односите со Македонија се употребуваат и во предизборната кампања во соседната држава, како тактика за освојување на гласови. Марковиќ оцени дека последните настани се продолжение на една конзистентна и перманентна политика која ја води Бугарија.
Добрата работа е што нема како полошо да биде од оваа актуелна ситуација и може да се претпоставува дека ќе дојде до некаква деескалација, по изборите во Бугарија во април.
Универзитетскиот професор, Александар Спасеновски, оцени дека односите меѓу двете држави се на историски најниско ниво, кое има големо ниво на непознати во поглед на тоа во кој правец тие може да се развиваат и како Македонија ќе се однесува во однос на неразумните барања на Бугарија од една страна и во однос на европските интеграции.
„Во овој момент, јас не познавам личност во Република Македонија која има точен одговор на прашањето: кои се барањата на република Бугарија во однос на република Македонија. Ние не знаеме што Бугарија бара од Македонија. Знаеме дека имаме европска обврска поврзана со промената на Уставот како резултат на францускиот договор кој што резултираше со усвојување на заклучоци во Собранието, меѓутоа моето стравување, стравувањето на најголем дел од јавноста е дека дури и денеска ние да го промениме Уставот, на начин на кој тоа го бара Бугарија, ние немаме гаранции, напротив имаме огромна доза на сомнеж дека повторно ќе бидат испорачани некои нови барања. Кратко кажано, моето стравување е дека актуелната политика на официјална Софија во однос на република Македонија е политика на конфронтирање.Целта не е решавање на проблемите, туку создавање конфронтација“ – оцени Спасеновски.