Македонската кошаркарска репрезентација утре во Нествед против Данска ќе го одигра првиот натпревар од претквалификациите за пласман на Европското првенство.
Селекторот на националниот тим Александар Јончевски повторно имаше многу проблеми со составувањето на тимот, но очекува дека уште на стартот ќе стигнеме до две победи кои ќе ни ги зголемат шансите за освојување на првото место во групата.
“Првпат почнуваме едни квалификации за ЕП во кои немаме натурализиран играч, тоа ќе биде голем хендикеп за нас, особено што имаме дефицит на високи играчи и ќе се обидеме со она кое располагаме да одговориме на предизвикот Данска. Имавме две недели подготовки. Првата ја искористивме за базични подготовки во Маврово и успеавме да поставиме систем според играчите со кои располагаме во овој момент, бидејќи, знаеме дека дел од тие играчи не се појавија на овој собир поради оправдани причини, тоа се повреди. Секако дека одиме на победа на натпреварите. Со стручниот штаб работиме веќе подолго време на индивидуалните карактеристики на противникот. Во овие две-три недели Данците не одиграа пријателски натпревари, па ќе ги гледаме нивните претходни натпревари од квалификациите, против Косово и Норвешка. Знаеме со што располага противникот, имаат квалитетни играчи, можам да го издвојам Лудберг кој беше во НБА, а сега потпиша за евролигашот Виртус Болоња. Тој е најголемата опасност за противниците на Данска”, изјави Јончевски.
ФОТО: Игор Паневски