Не толку бројни како вчера и другите денови, но со истите пораки до пратениците, граѓаните дванаесетти пат протестираат против прифаќањето на „францускиот предлог“.
Полицијата и денес е поставена во кордон, зад двојната заштитна ограда пред Собранието.
Додека седницата внатре беше во тек, демонстрантите надвор не останаа неинформирани за текот на истата.
На звучник ги слушаа пратениците и со аплауз и бодрење ги дочекуваа говорите на опозиционерите-противници на предлогот на Унијата.
Содржината на предлог-преговарачката рамка не сакаат да ја коментираат ама сигурни се дека државата губи ако ги прифати тие услови.
Денешниот протест помина мирно, за разлика од вчера кога се случија помали инциденти – на истото ова место и во исто време.
Фасадата на Собранието која веќе е оштетена од нередите на 5 и 6 јули, вчера повторно беше мета главно на јајца, ролни тоалетна хартија, а не изостанаа и неколку камења.
Епилогот на ова е десет приведени лица. Петмина поради фрлање тврди предмети кон полицискиот кордон, а потоа уште толку поради обид за кражба со цел демонтирање на заштитната ограда пред Собрание.
Приведено е и уште едно лице од инцидентот кај плоштадот „Скендер бег“, кое се сомничи дека на протестите на шести јули испукал со пиштол.
Со тоа, фатени е и трет учесник во заседата, во близина на старата скопска чаршија на 6 јули.
Петар Догов