Македонската кошаркарска репрезентација со шест порази во исто толку натпревари го заврши настапот во квалификациите за Светското првенство.
Во последниот дуел во Скопје совладани сме од Украина со 73:68.
“Честитки на Украинците за победата, се благодарам на публиката што дојде да ни даде поддршка. Не победивме, но се надевам дека луѓето кои дојдоа се задоволни од покажаниот карактер. Што се однесува до самиот меч, јасно е дека се реши во првата четвртина во која Украина одигра беспрекорно на шутерски план. Ние не бевме доволно фокусирани во одбраната за да ги запреме. Бевме хендикепирани на центарските позиции, поради што требаше да импровизираме во борбата под обрачите, а Украина имаше искусни и интелигентни кошаркари кои знаеја како да го искористат тоа. На полувремето им сугерирав на играчите дека мора да изгинеме на терен, да покажеме карактер, бидејќи мечот не е завршен. Видовте, успеавме да се вратиме, но во одредени моменти можеби имавме пад на концентрација и тоа придонесе вечерва да не триумфираме. Останува тагата што на ниту еден меч од овие квалификации не бевме комплетни, па не можевме да ја почувствуваме вистинската сила на оваа репрезентација”, изјави селекторот Драган Бајиќ по натпреварот.
На крајот тој истакна дека неговата иднина на клупата на националниот тим зависи од разговорите со челниците на Федерацијата.
“Договорот што го имам како селектор беше врзан со резултатите на овие квалификации, јас треба да седнам на маса со челниците на федерацијата, за кои можам да кажам само најдобри работи. Толку пријатно се чувствувам овде кога и да дојдам, имав и сериозни здравствени проблеми и операција на грбот. Јас го ризикувам здравјето, сакам да останам селектор бидејќи не можам да им кажам дека повеќе нема да бидам селектор. Последниот збор сепак ќе го имаат челниците на федерацијата. Ако некој мисли дека јас сум главниот проблем, дека кошарката ќе процвета, тоа веднаш ќе го решиме”, заврши Бајиќ.
ФОТО: Игор Паневски