Скопската зоолошка градина отвори повик до граѓаните да предложат имиња за трите женски лавчиња коишто се родија во март по повеќе од 20 години.
Малите бели лавици одлично напредуваат под будното око на вработените во Зоолошката градина кои со професионалност и внимание се грижат мајката и малите да се безбедни и да ги имаат сите потребни услови.
Лавчињата ги примија сите вакцини, како превентивна мерка во ветеринарната заштита на здравјето на животните. А од денеска ќе бидат пуштени во надворешното живеалиште и посетителите за првпат ќе имаат можност да ги видат одблизу.
Фотографиите се преземени од фб страната на скопската зоо градина.
Посетителите на скопската Зоолошка градина од денеска ќе можат да даваат предлози за избор на имиња на трите женски лавчиња. Граѓаните предлозите ќе може да ги ставаат во пластичните кутии кои се поставени на влезот на Зоолошката градина. Предлози може да се даваат и на фејсбук страницата на зоолошката градина.
Анкетата за именување на малите лавици ќе трае една недела, а во текот на следната недела одбраните имиња ќе бидат и јавно објавени.