Во организација на Здружението на џез музичари на Македонија, на платото зад Националната филхармонија-Парк Ибни Пајко, утре со почеток во 14 часот ќе се одржи голем џез хепенинг со домашни музичари, по повод Светскиот ден на џез музиката. Под наслов „ Денеска сѐ е за џезот“, на 30 април како во светот и кај нас ќе се слави џез музиката, со настапи на седум состави со докажани уметници. Настапуваат: Џоле Грујовски – Resonance, Џон Илија Апелгрен & Гордан Спасовски, SS Project, Off Ground Ensemble, Сашо Поповски, CuckooRack aka Bopers и Тони Китановски.
Македонија се вбројува меѓу 180 земји од светот кои го чествуваат Меѓународниот ден на џезот, по шести пат. Планирано е хепенингот да трае до полноќ.
- Музиката има моќ да нè обедини сите и по повод Меѓународниот ден на џезот, да се собереме и заедно да уживаме во џезот, славејќи ги неговите принципи и слободата на изразување, велат од Здружението на џез музичари.
Пред 11 години светската организација УНЕСКО го востанови 30 април како Меѓународен ден на џезот, со цел да се истакне дипломатска улога во обединувањето на луѓето од сите страни на светот со овој вид музика. Празникот на џезот глобално го предводи генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулеј и светски познатиот џез-пијанист и композитор Херби Хенкок, кој е и амбасадор на УНЕСКО за интеркултурен дијалог и претседател на Институтот за џез.