Годинашното издание на Саемот на книга, 34 по ред се враќа во редовниот, пролетен термин на одржување, од 3. до 9. мај, во Арена Борис Трајковски, под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија. За време на саемските денови, сите значајни издавачки куќи ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година, ќе се реализираат средби со автори, но и голем дел на промоции и попусти, беше речено на денешниот брифинг.
На Саемот на книгата се очекува да се вратат групните посети за учениците од средните и основните училишта на државата. Како една од најзначајните манифестации од областа на културата, саемот нуди богата програма за деца и млади со која најмладите посетители ќе можат да уживаат во светот на книгите. За време на Саемот ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца.
По повод 5ти Мај, Ден на македонскиот јазик на Саемот на книга 2022 ќе се одржи промотивен настан насловен како “Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!” со почеток во 19.00 часот во Промотивниот центар во Арена Борис Трајковски. Настанот е во организација на „Арс Ламина“ – Скопје.
На промотивниот настан ќе се даде осврт на најзначајните творци на македонската книжевност: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев итн.
Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во Промотивниот центар, а ќе има гостувања и на странски автори. Ќе бидат доделени и наградите на МАИ (Македонска Асоцијација на издавачи). На 34. издание на Саем на книгата 2022 ќе се претстават повеќе од 60 издавачки куќи од Македонија, како и од Турција, Србија, Косово, Албанија, беше речено на брифингот.